Американската поп-ѕвезда Џастин Бибер предизвика силни реакции со својот настап на годинешното доделување на Греми наградите, одржано синоќа. По пауза од четири години, пејачот повторно застана на сцената – и тоа во невообичаено издание, без маица, облечен само во боксерки и чорапи.
31-годишниот музичар ја изведе песната „Yukon“ со електрична гитара и ритам-машина, без спектакуларна сценографија и без придружен бенд. Настапот беше интимен и емотивен, а според странските медиуми, бил посветен на неговата сопруга Хејли Бибер. Камерите во повеќе наврати ја прикажаа во публиката, како со насмевка го следи и го бодри својот сопруг.
Само неколку часа претходно, Џастин и Хејли заедно прошетаа по црвениот тепих, носејќи идентични беџеви со пораката „ICE OUT“, што се толкува како јасен став против актуелните имиграциски рации во Соединетите Американски Држави.
Ова беше прв настап на Бибер на Греми сцената од 2022 година, кога заедно со Гивион и Даниел Цезар го изведе хитот „Peaches“. По тој период, неговите јавни појавувања беа ретки и најчесто ограничени на спонтани гостувања, меѓу кои и настап на концерт на Сиза, како и неколку затворени настани.
Во меѓувреме, поради здравствени причини, Бибер ја откажа својата турнеја, што дополнително ги поттикна шпекулациите околу неговото здравје и идниот правец на кариерата.
Дел од јавноста настапот го гледа и како сигнал за нова фаза во неговата кариера, особено ако се земе предвид дека оваа пролет Бибер треба да биде главен изведувач на двата викенда на фестивалот „Коачела“.
Годинава, тој беше номиниран во четири категории: за албум на годината и најдобар поп-вокален албум со „Swag“, за најдобра поп соло-изведба со „Daisies“, како и за најдобра ар-ен-би изведба со песната „Yukon“. Во досегашната кариера, Бибер има вкупно 23 номинации и две освоени Греми награди.
Сепак, неговиот сценски изглед – или поточно, неговата минималистичка облека – го засени сето останато. Реакциите на социјалните мрежи, особено на платформата Икс, беа поделени. Дел од корисниците ја пофалија искреноста и ранливоста на настапот, додека други отворено се прашуваа зошто пејачот на ваков престижен настан се појавил речиси разголен.
„Ова се Греми наградите, не плажа“, „Каде му е маицата?“, „Вака ли се оди на ваква церемонија?“ – беа дел од покритичните коментари.
Имаше и такви што изразија загриженост, наместо потсмев. „Ова е навистина тажно. Како да вика за помош, а никој не го слуша“, напиша еден корисник.
Очекувано, обожавателите застанаа во негова одбрана, нагласувајќи дека, без оглед на контроверзиите, Џастин Бибер повторно го „украде шоуто“ со својот вокал и сценско присуство. „Тој и понатаму знае да доминира на сцена“, коментираше еден фан, додека друг додаде: „Вокалот му е суров, искрен и моќен – оваа оголена верзија е вистински погодок“.
