На денешен ден, 30 март 1853 година, е роден славниот холандски сликар Винсент ван Гог.
На 28 јули 1890 година починал од последици од самоповредување. Тоа бил крај на долг, тежок и болен живот на еден неразбран генијалец кој, во момент на лудило, дури си го отсекол и увото.
Точните причини поради кои Ван Гог решил да си го отсече увото и по повеќе од еден век остануваат мистерија. Нови истражувања фрлаат сомнеж врз популарната теорија дека славниот сликар го направил тоа во налет на лудило по расправија со колегата уметник Пол Гоген.
Имено, Мартин Бејли, истражувач и автор на книгата за славниот сликар „Studio of the South“, тврди дека Ван Гог си го отсекол увото откако примил писмо во кое пишувало дека неговиот брат Тео ван Гог, најголем поддржувач и почитувач на Винсент, ќе се жени.
Досега беше познато дека Ван Гог бил голем противник на тој брак. Уметникот се плашел дека тоа ќе го наруши блискиот однос што го имал со Тео и дека на крајот неговиот брат, откако ќе формира сопствено семејство, ќе ја ускрати финансиската помош на која уметникот многу се потпирал, бидејќи до тој момент сè уште немал продадено ниту едно свое дело.
Меѓутоа, историчарите досега сметаа дека писмото во кое Тео го известува за женидбата стигнало дури откако Ван Гог веќе си го отсекол увото.
Од друга страна Бејли тврди дека има докази дека сликарот писмото го примил токму на 23 декември 1888 година, само неколку часа пред да си го отсече увото. Таа вечер, навистина, дошло до расправија со Пол Гоген, но тоа била само „шлаг на тортата“ за веќе многу несреќниот Винсент.
Како и да е, сликарот таа ноќ си го отсекол увото и завршил во психијатриска болница. Така, наместо Божиќ да го помине со својата млада свршеница, Тео дошол кај брат му на посета.
По краток престој во болницата, Ван Гог бил отпуштен на 7 јануари и тогаш му напишал на Тео: „Наскоро ќе дојдат убави денови и повторно ќе почнам да сликам расцветани орхидеи“.
Во 1890 година Ван Гог се преселил во Овер-сир-Оаз, северно од Париз, каде што го создал своето последно дело пред самоубиството. Последен пат го видел брат му при неговата посета на 6 јули 1890 година.
Винсент ван Гог се застрелал на 27 јули и починал два дена подоцна во присуство на Тео.
По смртта на брат му, Тео западнал во депресија и набрзо бил примен во санаториум во Утрехт, каде што му била поставена дијагноза „општа парализа на нервите поврзана со сифилис“, но денес се споменува и можноста дека боледувал од привремена акутна порфирија, која можеби била и основната болест на Винсент.
До ноември истата година и самиот бил трајно сместен во психијатриска установа. Починал неколку месеци подоцна, на 33-годишна возраст. Тео ван Гог и Винсент ван Гог се погребани еден покрај друг.
