Жолтицата е појава со која постојано се сретнуваме при работа со новороденчињата. Жолтицата е и важен предзнак за различни состојби во првите денови од животот на новородените. Значење ѝ се придава не само поради тоа што сите новородени имаат транзиторно зголемено ниво на билирубин што е видливо и се означува како физиолошка жолтица, туку и поради тоа што жолтицата е чест симптом на ред вродени и здобиени заболувања во неонаталниот период. Транзиторната жолтица, физиолошка и без хемолитички процес, треба да се разграничи од состојбите кај децата со високи вредности на неконјугиран серумски билирубин, кој може да биде многу токсичен и да предизвика трајни последици. Има важни знаци по кои треба да се распознае патолошката жолтица.
Неонатална физиолошка жолтица
Сите новороденчиња имаат транзиторно зголемено ниво на билирубин, но само кај околу 50 отсто од нив жолтицата е видлива. Таа се манифестира со жолта пребоеност на склерите (белките на очите), видливите слузници и на кожата. Кај преттерминските новородени тој процент е поголем поради системската незрелост.
Физиолошката жолтица вообичаено е видлива третиот ден од раѓањето и исчезнува најдоцна за 10 до 14 дена. Видлива е со голо око или со притисок на прстот на носот или на друг дел на кожата.
Што предизвикува појава на физиолошка жолтица
Појавата на жолтица се јавува поради зголемената концентрација на билирубинот, кој ја дава жолтата пребоеност на кожата. Тоа настанува заради зголемената понуда на билирубин, настанат од распаѓање на црвените крвни зрнца, а кај бебињата и од друго нехемоглобинско потекло. Во човечкото тело постојано се создава нова крв додека старата крв се распаѓа. Црвените крвни зрнца кај бебињата имаат пократок век, нивниот распад е поинтензивен и продукцијата на билирубин (жолт пигмент) е поголема. Исто така, поради релативната хипооксија (помалку кислород) додека се во утробата на мајката, и на раѓање новородените имаат високи вредности на црвени крвни зрнца што придонесува за уште поголем распад и поголема продукција на билирубин. Така создадениот билирубин патува во крвта во неконјугирана форма до црниот дроб. Но, поради транзиторната незрелост на црниот дроб не може да се врзе за клетките, намалена е неговата конјугација, (врзување) не може да се излачи во цревата, па се прелева назад во крвта и ја бои кожата жолта. Овој тип жолтици ја обојуваат кожата жолто-портокалово и урината кај бебињата е светла.
Следење на жолтицата
Степенот на жолтицата се следи со клиничка опсервација на кожата и тоа кон краниокаудална насока, односно од главата кон нозете.
Испитувањето за неонаталната жолтица во родилиште вклучува користење редовна визуелна процена на бојата на кожата како и транскутано мерење на билирубинот, односно со апаратче што се става на кожата за да се идентификуваат новородените деца што бараат одредување на серумскиот тотален билирубин. Клиничката опсервациска процена на тежината на жолтицата останува главен метод во испитувањето на жолтицата кај новороденото дете. Сите новородени деца треба да го поминат ова испитување во првите 3 до 4 дена од животот, особено оние што имаат ризик да развијат хипербилирубинемија за време на неонаталниот период. Процената треба да се спроведува почесто во првите 48 часа од животот. Секогаш треба да се проценува жолтицата на добра светлина, притискајќи со прст на кожата со што таа се обелува и се набљудува внимателно. Клиничката опсервација треба критички да се процени особено кај бебињата што се ставени на фототерапија заради побелување на кожата, како и кај бебињата што имаат потемно пребоена кожа.
Исто така, жолтицата прогресира кон каудално, од лицето со прогресија кон трупот и екстремитетите, следејќи го Крамеровото правило. Крамер го поделил телото на бебето во пет зони, во зависност од зоната на манифестна жолтица во корелација со висината на билирубинемијата односно жолтицата.
Но, бидејќи визуелната процена има граници на точност и при какво било клиничко сомнение и критична процена од страна на педијатар-неонатолог потребно е во селектирани случаи да се одреди серумската вредност на билирубинот и во зависност од висината на жолтицата се одредуваат понатамошните постапки.
Најважно е да се одвои физиолошката жолтица што не бара терапија и дополнителен третман од другите многубројни состојби кои доведуваат до појава на хипербилирубинемии што бараат посебен третман во зависност од причините на појавата, висината на жолтицата, гестациската и постнатална старост и уште многу други причини за нејзиното настанување.
На секоја бремена жена и се одредуваат крвната група и Rh-фактор и според тие резултати се одредува и на новороденото. Тоа се прави за да се избегне фетоматерналната изоимунизација на ABO системот и Rh-факторот.
Третман
Физиолошка жолтица не бара третман.
Умерена жолтица има потреба од давање течности според дневните потреби и индивидуалниот пристап кај новороденото.
Конзервативниот третман вклучува потреба од фототерапија што е ефикасна кај најголем број новородени. Тоа е специјална светлина со одредена бранова должина и одредена оддалеченост на светлото од кожата на бебето. При ставање на бебето на фото под бело или сино светло се заштитуваат очите, а целта на процедурата е да се отстрани билирубинот од кожата и од крвта. Ефектот е поголем ако се изведува на поголема површина на кожа. Постојат повеќе начини на изведување за да се постигне поголем ефект: били-креветче, били-ќебенце, двојни ламби итн.
Во други одредени случаи при многу висока рана жолтица што денес се ретки поради многу подобрената превенција, се прибегнува на менување на крвта кај бебето.
Мал број селектирани деца со други болести и високи вредности на билирубин, по процена на педијатар бараат натамошно следење.
Најчесто прашање на родителите е: „Дали жолтицата на моето бебе е штетна?“
Што треба да следат родителите по испишување на новороденчето од болница?
– Треба да ја следат бојата на кожата; и
– Дали жолтицата се намалува и полека исчезнува или се засилува.
Исто така, важно е да се следи:
– Дали новороденчето добро цица, напредува во тежина, дали има жолта столица и влажни пелени (добро мокри);
-Дали е многу поспано.
– Ако адаптацијата во домашни услови закажала, иако бебето нема никаква друга патолошка состојба, сепак жолтицата може да се засилува.
Во такви случаи потребно е да се јави на преглед кај педијатар-неонатолог каде што има можност да се одреди висината на жолтицата транскутано (преку кожа со апаратче) и/или ако има потреба за попрецизна процена да се направат дополнителни лабораториски иследувања.
Проф. д-р Катица Пиперкова и експертскиот тим на болница „Санте Плус“ ви стојат на располагање. Закажете го вашиот термин или консулација на телефоните 071 262 323; 071 262 692