-4.2 C
Скопје
00:56 - 23 декември, 2024

Колумна: Лимонот секогаш е кисел

Во Холандија годишен билет за посета на 450 музеи чини само 65 евра, а за деца и тинејџери цената е 33 евра. Ние овде уште се занимаваме зошто текстовите на песните на илинденската прослава се скратени и не бил споменат Гоце. Се поставува прашањето дали тоа нивното е културен патриотизам или ова нашево? Кратко и јасно „Портокаловите“ врска немаат со животот…

фото пиксабеј

Една многу убава жена се појави на Фејсбук со интересен статус – се сликала и под сликата објавила дека двапати се породила, дека има прекрасни деца, дека се труди да си ја врати формата на телото како порано и така во тој стил. Нормално, на статусот се налепија стотици коментари од типот:

– Човече, ти си толку убава.

– Жено, ти си неодолива.

– Ваква жена мајка не раѓа по вторпат. Алал да ти е.

– Ма ти си совршена, ич да не се секираш.

Коментира сè живо и диво, и машко и женско, и естети, и неестети, ама важно сите ѝ даваат поддршка. Десетици и десетици дежурни комплиментџии.

Фактички во најголем зијан се психијатрите, тие полека остануваат без работа бидејќи Фејсбук им ја врши работата. Битно е да се работи на самодовербата, тоа е главното правило на денешницата.

Дали психијатар или Фејсбук веќе не е важно, важно е ЈАС да сум главна (главен) па макар и на пет минути. После сè ќе биде полесно, барем во главата на трагачот по самодоверба.

Ценовник

Друго типче на Фејсбук не го мрзело ами направил ценовник од летувањето во Албанија. Рибата чинеше толку и толку, салатата онолку и онолку, пијачката на плажа волку, лежалките толку, тоалет хартијата во продавница онолку… Човече, како не те мрзи? Си бил на одмор, си одморил, па нема потреба да се заморуваш со цени, анализи, споредби колку тоа чинело таму, а колку чини овде. Ама не, типот сака да ни даде детален приказ на тоа што јадел, колку јадел, каде пазарувал итн. Беспотребно малтретирање особено кога веќе парите и така и така се „профучкани“. Како и да е, се надеваме дека барем самодовербата му е крената на ниво.

„Портокаловите“ поим немаат

Деновиве од Амстердам ми пристигна една неверојатна информација – имено за 65 евра Холанѓаните можат да си купат годишна карта за посета на 450 музеи. Ова важи за полнолетните, а за децата и тинејџерите годишниот билет е 33 евра. Со други зборови, како што ние имаме слободни карти за во автобус, Холанѓаните имаат слободни карти за во музеј. Нивно е да си платат и да се фотографираат, па веднаш си добиваат „слободна карта“ за – повторувам – 450 музеи. Во рекламата стои: „Одморете се културно за време на вашата пауза. Прошетајте ги вашите деца на возбудливи изложби. Добро за вас, добро и за нашите музеи“.

Додека ние овде се занимаваме зошто текстовите на песните на илинденската прослава се скратени и не бил споменат Гоце, во Холандија луѓето се шетаат по музеи за евтини пари. Тука се поставува прашањето дали тоа нивното е културен патриотизам или ова нашево? Веројатно нашево, ама музеите ни се празни. Има постановки, ама нема луѓе, но затоа има родољубие на кило, па катадневно се браниме од бугарштината, царштината, гркоманијата, бриселоокупацијата, од американските шејтани итн. Да заклучиме, „Портокаловите“ врска немаат со животот, ние сме на вистинскиот пат. Само уште малку самодоверба ни фали и којзнае каде ќе ни биде крајот?

Сок од лимон

Еден мој сосед доживеа мозочен удар и брзо се извлече. Борец е, голем борец. Отидов да го посетам, да се видиме, да пролафиме на кратко. Ми рече – комшијата Бојо крадешкум сабајле замина за Охрид и сигурно веќе се бања.

– Баш убаво – му одговорив.

– Он ќе се бања, а јас одам во Козле на рехабилитација – тажно прокоментира соседот.

– Ајде бе, Јоце, уживај и врати си ја самодовербата – му реков.

– Што да си вратам – со сто прашалници ме потпраша.

– Ништо бе, на Бојо ќе му врне, а и езерото ќе биде ладно.

– А ха – рече Јоце. – Ако врне, барем ќе има време да ги посети сите охридски музеи.

Се насмеавме и си наздравивме со сок од лимон. Кисел како и секогаш.

 

Слични објави

Славниот водител сподели тажни вести: „Никогаш нема да те заборавам, многу поминавме заедно“

Еспресо

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо
Се вчитува....