Цели четиринаесет дена гладувал, а во тој период му се случило нешто кое многу го вознемирило. Музичарот Петар Георгиевски-Камиказа од групата „Меморија“ целосно си ја отвори душата.
-Исповест. Пред од прилика 10-тина години, се подвргнав на 14-дневно гладување. Во тие денови поминав низ разни духовни и физички премрежија, а водата ,музиката и молитвата ми беа единствена храна.
Осетив потреба, и тоа го направив без двоумење и можам да ви кажам дека се почуствував како поново роден, со чиста мисла и наполно смирен дух. За разлика од другите испосници, јас во ова 14 дневно патување активно спортував и се дружев со луѓе. Во моментите на осама, чуствував оогромна бодрост и поткрепа, небаре повторно некоја сила ми го чисти умот и телото и ми дава можност да гледам со бистар ум.
Нема сега да ви ги раскажувам сите премрежија и љубопитни очи за време на моето гладување, туку ќе ви го раскажам само последниот ден, кога отидов во црква да му благодарам на бога за силата и вербата што ми ја даде да издржам во мојата намера. Влегувам во манастирот(нарочито не го посочувам) и палам свеќа. Со молитвени раце си правам муабет со црковната тишина, мирисот на темјан и светците.
Влегува едно свештено лице и ми вели: познат си ми од некаде, и го прекинува мојот молк и духовен разговор со Бога. Му велам:јас сум тој и тој, и продолжувам со мојата намера повторно да си го вратам внатрешниот мир. Ама попот продолжува да ми го нарушува мирот и ми вели: имаш некоја посебна причина или само така си дошол во божијов храм? Му велам дека сум дојден да му заблагодарам на Бога за силата што ми ја дал да издржам 14 дена на вода и да се помолам за спасеније на моите блиски, кој не се повеќе на овој свет. Во тој момент,попот со повишен тон ми вика: „Kој ти дал право невернику да гладуваш кога не е време на пости,а!?“
Мојата смирена душа се растрепери и оној потиснатиот во мене се разјари. Ми дојдоа секакви мисли и намери,но успеав да се воздржам и полека наназад ја напуштам божијата одаја со ново искушение. Попот сѐ погласно вика и употребува непристојни зборови што на момент уште повеќе ме налутија. Со забрзан чекор го напуштам божијот храм а пред неговите порти се замивам со водата од чешмата вџашен и збунет.
Од нигде никаде чув внатрешен глас кој ми вели: Чедо мое ова ти беше последното искушение од твоето 14 дневно патешествие, ако дигнеше рака или глас на непристојниот свештеник, сѐ ќе беше џабе, бидејки другиот во тебе што го дисциплинираше твоето физичко тело , ќе го затруеше твојот дух со омраза и собласт. Затоа чедо мое оди во мир кај твоите родители на посета, и да знаеш од денес си поблизок до мене….
Студената вода го мие моето лице а гласот кој ми се јави едноставно ишчезна…Итајќи накај мајка ми и татко ми во Маврово, чуствував некој мир кој порано не го познавав. Од тој ден престанав да се плашам од смртта а почнав да го славам секое ново утро со: „Сполај ти Боже. За многаја лета. Искрено ваш: Патер Георгиевски-Камиказа.

