Најбогатиот човек во Азија, Мукеш Амбани, овој викенд е домаќин на предсвадбените прослави за својот син. 28-годишниот Анант Амбани се ожени со 29-годишната Радика Мерчант, ќерка на друг индиски милијардер Вирен Мерчант.
Иако самата церемонија нема да се одржи до јули, тридневната предсвадбена забава започна завчера, на 1-ви март. Настанот се случи на семејниот имот во Јамнагар, а ѕвезда на забавата беше Ријана, чиј хонорар се шпекулираше дека изнесува 7 милиони долари.
На листата на гости се 1.200 луѓе, меѓу кои Бил Гејтс, Марк Цукерберг и неговата сопруга Присила, поранешниот канадски премиер Стивен Харпер, поранешниот австралиски премиер Кевин Руд, извршниот директор на Дизни, Боб Игер и Иванка Трамп.
Извори за Дејли меил велат дека прославата ќе чини 53 милиони долари. Се шпекулира дека договорот за кетеринг со една од водечките индиски хотелски компании со пет ѕвезди е вреден околу 25 милиони долари.
Заедно со Ријана, на настанот ќе настапи и американскиот илузионист Дејвид Блејн. Според Ројтерс, на гостите однапред им бил испратен дрес код од девет страници.
Во сабота, посетителите на забавата, мораа да бидат облечени во нивната најдобра облека со мотиви на „џунгла треска“.
Вечерта имала и гала дел каде биле послужени 2.500 јадења, подготвени од тим од 65 готвачи. На гостите им се понудени услуги за стилизирање на коса, шминка и сари, како и повратни чартер летови до Њу Делхи и Мумбаи.
Според „Тајмс оф Индија“, семејството Амбани всушност обновило 14 храмови во областа Џамнагар во Гуџарат специјално за празничните свадбени прилики.
Нето богатството на Мукеш Амбани се проценува на 111 милијарди долари, што го прави најбогат човек во Азија и 11-ти најбогат човек во светот. 66-годишниот тајкун раководи со конгломератот Reliance основан од неговиот татко Дирубаи Амбани. Нивните бизниси вклучуваат рафинирање нафта, малопродажба, телекомуникации, продажба на храна и дигитални и стиминг услуги.
Анант Амбани е директор на еден од одделите на компаниите Reliance. Минатиот јануари, тој ја запроси Радика Мерчант, која е член на одборот на фармацевтската фирма на нејзиниот татко.