23:04 - 22 декември, 2024

(Фото) На креативното гумно во село Слоештица: Сонот никогаш не е толку убав како да се биде овде

Утре (1.јули), меѓународниот центар за уметност „Арт поинт – Гумно“ во село Слоештица, Демир Хисар, ги отвора портите за сите љубители на уметност што сакаат да ги запознаат уметниците и да ги видат делата создадени за време на 20-тата интернационална уметничка колонија која се одржува годинава во знакот на уметноста  и природата (Веруваме во уметноста и природата / “In Art and Nature We Trust”).

Амфитеатар на библиотеката Алби село Бабино

Во периодот од 18 јуни до 3 јули годинава, на креативното гумно во селото Слоештица престојуваат и творат шест уметници од земјава и од странство: Памела Тол од САД, Беате Куне од Германија и Синиша Новески, Јасмина Главинче, Владимир Симоновски и Сандра Котевска од Македонија. Фокусот на колонијата годинава е во знакот на уметноста и природата односно, како уметноста може да ја промовира природата што сама по себе е најсовршениот уметник. Преку творечки дијалог и со иновативни уметнички реализации во различни медиуми, од кои дел се инспирирани од локалната традиција, уметниците создадоа дела што предизвикуваат восхит.

Беате Куне

Германската уметница Беате Куне ги истражува процесите и енергиите на природата преку апстрактни линии и форми. Нејзините слики прикажуваат континуирана палета на бои и импресивна рамнотежа, нудејќи му на гледачот хармонично визуелно откритие.

Како ја доживеа природата во Македонија и каква енергија ти донесе?

– Изобилството на зеленило во Слоештица ми беше изненадување, бидејќи на пат од Скопје до селото поминавме многу суви предели, а кога стигнавме, бевме опкружени со зеленило! Веднаш можете да замислите дека во околните планини со својата густа шума не живеат само диви свињи, туку и волци или рисови. Според мојот впечаток, пејзажот е прекрасен и истовремено груб, контраст што е многу интересен за мене како сликар, кој секогаш е поврзан со темата на природната апстракција.

Какви бои би употребила за да ја насликаш Македонија и посебно Слоештица на начин на кои ги чувствуваш?

– Зелената дефинитивно беше првата боја што се појави на моето платно, но веднаш додадов малку жолто и сино, сонцето и водата. Иако реката во Слоештица не е многу пристапна, а понекогаш и скриена, сепак е централна во селото, присутна преку звукот. Најдовме и место за правење скици.

Македонскиот скулптор Синиша Новески и овој пат инспириран од македонската традиција создава скулптури од дрво и прачки што нè потсетуваат за болните идентитетски прашања.

Синиша Новески

 За креирање на своите дела инспирацијата ја наоѓаш во македонската традиција, но кој специфичен дел од традицијата најмногу те привлекува и зошто?

– Точно, македонската традиција е мојата голема инспирација. Посебно македонскиот фолклор, историја и литература. Го користам македонскиот мотив и сензибилитет како автентична препознатливост, но истовремено сакам да бидам стилски близок до светските ликовни случувања и трендови.

Зошто изборот се дрвото и прачките, која е пораката земена од природата и вратена на природата?

– Стилот во кој ги работам скулптурите е Ленд арт (Land art) со што користам материјали од природата. Дрвото и прачките се блиски до мојот сензибилитет и се израз на македонското поднебје, а сепак се модерни и се вклопуваат естетски и ликовно во македонскиот пејзаж и природа со минимални скулпторски интервенции.

За Јасмина Главинче, важноста на еколошката тема во нејзината работа е клучна, бидејќи таа е единствената супстанција за позитивни промени во општеството, реинвенција на нашата соработка со природата. Така, таа свесно избира да испреплетува и повторно да користи различни материјали создадени од самата природа, парадигмата на уметноста.

Од многубројните, кое е за тебе најболното прашање поврзано со човекот што живее во Македонија и природата?

– Тешко е да се издвои едно, бидејќи еколошката свест е тема на која интензивно треба да работи целото човештво. Најсилен немир, болка и тага чувствувам кога пред себе наместо чиста уметничка инспирација и восхит од убавините што ни ги дала природата, гледам отпадоци. Во ова ја гледам крајната себичност и негрижа на луѓето и тоа навистина ме боли.

Како уметникот може да ја разбуди еколошката свест, но тоа да не биде чекор по чекор, бавно, туку како вистински земјотрес во умот на поединецот? Можно ли е?

– Навистина верувам дека е можно, тоа е и причината поради која избрав да работам на таа тема. Една од целите на уметноста е да предизвикува, да го натера поединецот да размисли, да почувствува. Моите творечки практики во себе вклучуваат употреба на исклучиво природни материјали, обработувам теми поврзани со природата и природните процеси, со прапочетоците, со традицијата. Иако е сизифовски тешко, тоа е мојата мисија, тоа се моите мисли и чувства и сето мое творештво е, и ќе биде посветено на тоа. Се надевам дека така ќе нурнам во умот и чувствата на сè повеќе поединци, кои потоа ќе влијаат врз други поединци и еден ден, сите заедно ќе го направиме светот почист и поубав за живеење.

Памела Тол е сликар-сонувач. Таа работи на пејзажи од нејзиното опкружување. Тоа е просторот што таа искрено го пренесува на хартиите или платното, понесена од чинот на радоста на создавањето.

Памела Тол

Каква беше Слоештица во твојот сон пред да ја запознаеш во реалноста? Како ја доживеа, која беше најголемата радост?

– Слоештица е река од сеќавања и сонот за враќање ми даде нова енергија по две тешки години. Но, сонот никогаш не е толку добар како да се биде овде. Нè опкружува шум на звук – движечката вода на реката, гласовите на селаните, птиците и инсектите што пеат испрекинати со кукуригањето на петелот в зори и црковното ѕвоно во недела. Моето студио е на сонце и под сенка на орев. Од тука можам да го видам зеленото пространство до далечните планини.

Лесно е да се биде уметник тука. Времето се издолжува. Јадеме традиционалните јадења зачинети со љубов. И природата нè храни. Прегратките со другите уметници, со нашите домаќини и селото отвораат идеален простор за создавање уметност. Голема великодушност на дело. Мојата најголема радост е што сум овде.

Ако Слоештица беше девојка, како би ја нацртала?

– Да беше Слоештица девојка, ќе беше насликана со енергија и сила, но и со нежност на дивите цвеќиња. Можеби е потпрена на мотиката во градината или седи на брегот на реката, а нозете ѝ висат во водата. Во која било поза остава простор за сонување.

Автор Јасмина Главинче
автор Памела Тол
автор Синиша Новески
автор Синиша Новески
Беате Куне
Беате
Дамата од Слоештица, автор Јасмина Главинче
Ирена Андреевска
Мугра и дело на Беате Куне

дело на Пам Тол
дело на Памела
Прошетка низ Слоештица
Слоештица

Слични објави

Славниот водител сподели тажни вести: „Никогаш нема да те заборавам, многу поминавме заедно“

Еспресо

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ без трошка шминка и во лежерно издание! По славата на мајка си веднаш се врати во Севиља

Еспресо

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо
Се вчитува....