Фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина обезбеди пласман на Светското првенство кое ова лето ќе се одржи во Соединетите Американски Држави, Мексико и Канада.
Натпреварот што го одлучуваше пласманот беше внимателно следен низ целиот регион, а славењето по победата се пренесе и на улиците, особено во Сараево.
Меѓу песните што се слушаа беа и оние од починатиот пејач Халид Бешлиќ.
По повод големиот успех се огласи и неговиот син Дино Бешлиќ, кој сподели лични впечатоци по бројните снимки од прославата.
Тој истакна дека првпат по смртта на татко му и поради тешката здравствена состојба на мајка му чувствува искрена радост, нагласувајќи дека неговиот татко би бил горд на репрезентацијата, имајќи предвид колку ја сакал Босна и Херцеговина.
Исто така им се заблагодари на играчите што, како што наведе, донеле радост кај народот.
„По смртта на тато во овие шест месеци и болеста на мајка ми, ова ми е прва радост. Знам дека тој би бил горд на вас, затоа што знам колку му значеше Босна и Херцеговина, која неизмерно ја сакаше. Ви благодарам, наша репрезентацијо, благодарам момци што ни донесовте радост во домовите. Голема почит“, напиша тој на Инстаграм.

