Кантавторот Дарио Панковски искрено проговори за своето тешко детство, животните лекции што морал сам да ги научи и вредностите што денес им ги пренесува на своите деца. Тој откри дека растењето без родителско водство го натерало многу рано да се соочи со животните предизвици, но и дека токму тешките моменти го изградиле како човек.
„За жал, сум растел сам, немало кој да ми пренесува од родителите такви некои размислувања за животот. И доброто во лошото е тоа што самиот, не сакајќи, принудно самиот сум научил како да одам низ животот, како да се борам низ животот и што е добро, а што не, каде сум погрешил да не погрешам повторно и тоа им го пренесувам и на своите деца.
Инаку, во од се слушаат, се гледаат работи, се учат. Имам многу, многу пораки кои во моите песни сум им ги кажал на луѓето. Кој сака да слуша и кој знае да слуша, ќе разбере, оној кој не сака и кој не знае, џабе уште 100 песни да му кажеш. Значи, ‘И што е мое ќе си дојде’, мораш да го знаеш тоа, ‘Здравје Боже’, ‘Ковчег со злато’. Значи, има еден куп убави пораки. Не сум јас најпаметниот кој ги смислил тие, но сум ги собрал и сум ги пласирал да ги слушнат и да ги научат“, раскажа Дарио во ТВ-шоуто „Магазин“ на телевизија Сител.
Во постаро интервју, тој се осврна на тешкото детство и загубата на мајка му, која почина кога имал само осум години.
„Јас и немав детство. Песната ‘Човек без спомени’ е мојот живот“, рече Дарио, потсетувајќи се на болните години од своето детство.
Дарио, кој зад себе има повеќедецениска музичка кариера, и овојпат покажа дека неговите песни не се само љубовни приказни, туку и сведоштва за животните искуства, грешките, надежта и човечките вредности.
Неодамна ја промовираше и новата песна „Живот е лото“, која носи оптимистична порака за непредвидливоста на животот, неговите подеми и падови и вербата дека по тешките денови доаѓаат подобри.
Музиката и текстот се негови, додека аранжманот го потпишува неговиот долгогодишен соработник Кристијан Габроски.
Новата песна следува по албумот „Ковчег со злато“, објавен во декември 2025 година, во кој Дарио повторно ги става во преден план љубовта, семејството и вистинските човечки вредности.
