„Повеќето луѓе треба да се прилагодат и да се навикнат во рок од една недела, но исто така знаеме дека постојат лица на кои им е тешко да го прилагодат својот часовник и дека може да им бидат потребни недели, ако не и месеци, за телесниот часовник да се приспособи на само еден час промена.“, рече Џефри Келу, постдокторски истражувач кој ги проучува циркадијалните ритми на Кралскиот колеџ во Лондон, за Euronews Health.
Веќе подолг период постојат иницијативи за укинување на сезонските промени на времето низ Европа.
Европската комисија во 2018 година предложи трајно укинување на поместувањето на часовникот по јавна консултација, во која 84 отсто од 4,5 милиони испитаници го поддржаа укинувањето.
Кипар и Грција беа единствените земји каде што мнозинска поддршка имаше за задржување на сегашниот систем.
Земјите членки никогаш не се усогласија околу заеднички став, па предлогот заглави во Европскиот совет.
Но, ако промените на времето се укинат, кое време треба да го задржиме?
„Ние (научниците) всушност предлагаме да се задржи стандардното време, односно зимското време“, рече Келу.
Доколку летното сметање на времето стане трајно, повеќето луѓе во поголем дел од годината не би гледале дневна светлина пред да заминат на работа или на училиште.
„Утринската светлина е клучна. Заглавени сме во канцеларии и постојано сме изложени на вештачко осветлување“, истакна тој.
Иако и вештачката светлина игра улога во синхронизацијата на внатрешниот часовник на телото, таа е послаба од природната светлина.
„Тоа е уште поважно во зима поради сезонските промени – денот и онака е краток, а сонцето подоцна изгрева, па не треба да се лишуваме дури ни од тој мал дел изложеност на светлина“, рече Џефри Келу.
