06:33 - 22 декември, 2024

Адем Селмани и на 55 години не се откажува од трчањето, а атлетиката е неговиот живот

-Што ако го оставам трчањето, што ќе правам на овие години, имам веќе 55 години…само Господ ако сака и здравјето да не ме служи, само тогаш ќе престанам..

фото – приватна архива

Адем Селмани ќе го сретнете како трча нагоре кон ридот Балтепе или Тетовското Кале. Иако е во 55-тата година од животот, Адем не се откажува од маратонското трчање.

– Со трчањето и атлетиката започнав од 92та година и повеќе од 25 години сум активен.

До пред неколку години редовно трчал на маратоните од по 42 километри, а во младоста и на ултрамаратони до 100 килоемтри како и планинско маратонско трчање. Сега се ограничува на полумаратонските трки на 5, 10 и 21 километар.

– Сум учествувал на 1000 – 1500 метри, на 5000 метри, 10 километри, на Националното првенство, на ултрамаратони, маратони и полумаратони.

На мапата со истрчани километри Адем ги има запишано и најзвучните имиња на градови каде се одржуваат квалитетни и признаени настани.

– Повеќе сум активен во Србија, во Белград, Ниш, Нови Сад, Крушевац, Врање, но и во Скопје учествувам, Приштина, Тирана. Моето учество го запишувам само во Балканските земји, не сум излегол подалеку. Најдобар резултат ми е во 2017 година во Софија, Бугарија каде истрчав полумаратон од 21 киломатар за 1 час и 17 минути. Настапував и на Светско првенство во планинско трчање во Бурса во Турција во 2007 – ни објаснува Адем.

Атлетиката е неговиот живот, но и покрај слабите услови за вежбање во градот, тој се обидува да биде доследен во остварувањето на животната желба да биде атлетичар во најтешката дисциплина.

– Дневна рутина ми е околу 15 километр. Сега поради топлото време трчам во периодот од 9 до 11 часот изутрина. Рано станувам, нормално прво кафе да се напијам, па се подготвувам за кон Тетовско Кале. Од градот до Калето има приближно 3 километри, а кога ќе се искачам горе, таму се започнува со тренингот кој што ми е по план.  Главниот тренинг ми е трчање околу Калето. Сега зависи од планот за тренинг и обврските, некогаш и попладне трчам низ градот, рекреативно. Тоа е практиката неколку години, порано кога бев помлад сум трчал и тренирал два пати дневно – раскажува.

фото – приватна архива

 

Во неговата дневна рутина редовна е и борбата за добра кондиција која ја води секаде каде ќе најде добра прилика, посветувајќи 2 до 3 часа во трчање наутро, но и навечер.

– Од 93та сум со трчањето и ден денес на мои 55 години јас се немам откажано ни од тренинг, ни од трка. Пред извесно време ми се појави повреда на менискус, но полека закрепнувам, но продолжувам и со трчањето и натпревари – вели.

Тренинзите порано ги правел на спортско-рекреативниот центар, каде иако немало атлетска патека, имало доволно земјен простор за трчање, околу двете фудбалски игралишта. Откако општината го пренамени со приватен партнер за луна парк, Тетово остана без и тој скромен простор за атлетско трчање.

– Од кога нема каде да трчам во Тетово, почнав да одам кон Калето. Не е само за мене тој проблем,  туку за сите кои сакаат да трчаат. Дури и младите кои сакаат да тренираат атлетика се откажуваат. Едноставно нема место каде во Тетово да се трча, а уште помалку да се тренира атлетика.

Стотици медали, пехари, дипломи, голем број пријателства, впечатоци и спомени од огромниот број маратонски трки во изминатите три децении се единствената придобивка од оваа атлетска дисциплина поради Адем не се откажува.

– Дома имам повеќе неколку стотици медали, пехари и дипломи. Сите ми се по фиоки. Ги немам извадено да ги изложам како другите, а да ги соберам сите медали, може тежат 20-тина килограми па и повеќе. А сите ми се драги, може затоа сите се на едно место – ни објаснува Адем.

Волјата и желбата за спорт е огромна кај тетовецот. Спортските активности се важни и за здравјето на човекот, затоа Адем упатува одлични совети за младите во атлетиката.

– Прво да бидат живи и здрави, а потоа по желба кој што сака да спортува. Но секој треба да се бави спорт. Треба и институциите да си ја работат работата, да се подржат и клубовите и спортистите, да се вложува од страна на државата.

Со атлетиката имам огромен број на пријатели низ целиот свет и тоа е тоа што ми ја одржува волјата и желбата за бавење со атлетика за крај ни откри Адем. Предизвиците се големи, но љубовта кон овој спорт е уште поголема, тоа е она што го води Адем и покрај годините и здравствените проблеми да продолжи да трча кон нови успеси и медали.

фото – приватна архива
фото – приватна архива
фото – приватна архива

 

Слични објави

Луна и Марко открија колку заработуваат од Јутјуб: „Доволно за еден луксузен стан во Белград!“

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ му се обрати на својот татко со низа трогателни пораки: „Сите ќе умреме! Ако ме нема утре, напишав историја“

Еспресо

(Фото) Цеца Ражнатовиќ без грам шминка: Вељко објави приватна фотографија од семејната вила

Еспресо

(Видео) Црногорската инфлуенсерка ја шокираше јавноста со својата изјава: Деца, ако учите, ќе можете да ми го миете автомобилот

Еспресо

(Фото) Ќерката на Цеца скршена по страшниот напад во Загреб: Анастасија се огласи со срцепарателна порака

Еспресо

(Видео) Рапер брутално убиен на паркинг: Се појавија вознемирувачки снимки

Еспресо
Се вчитува....