Светлана Цеца Бојковиќ, една од најценетите српски актерки, отсекогаш го привлекувала вниманието на јавноста не само со своите маестрални улоги, туку и со своето богато животно искуство. Нејзината кариера, долга повеќе од половина век, е исполнета со награди, големи театарски и филмски остварувања, но и со турбулентен приватен живот кој, како што самата вели, ја обликувал нејзината личност, пишува „Она“.
Цеца трипати во животот одлучила да застане на „лудиот камен“, а секој нејзин брак бил посебна приказна, исполнета и со љубов и со болка. Сепак, и по сите искушенија, актерката останала доследна на себеси, со јасни ставови за љубовта, бракот и животот.
Милош Жутиќ – љубов од младоста, татко на нејзината ќерка Каја
Цеца Бојковиќ за првпат го изговорила судбоносното „да“ во 1968 година, на само 21 година, со веќе познатиот актер Милош Жутиќ. Нивната љубовна приказна започнала додека Милош ја подготвувал Цеца за приемниот испит на Академијата. Иако бил осум години постар, токму тој ги следел нејзините први актерски чекори.
„Се омажив многу млада, имав 21, а Милош беше осум години постар. Реално, и двајцата бевме незрели за брак, иако мислевме дека тоа е вистинска љубов. И беше, но љубовта сама по себе не е доволна за брак. Подоцна дојде до ерозија на нашиот однос, но, интересно, не и на нашата меѓусебна почит“, раскажала Цеца за тој период од својот живот.
Заедно ја добиле ќерката Катарина Каја Жутиќ, која го наследила талентот на своите славни родители и станала позната актерка. Сепак, бракот не опстанал.
„Милош остана важен дел од мојот живот сè до крајот на неговиот живот. Почина во 1993 година, на 54-годишна возраст, но и по разводот задржавме длабока меѓусебна почит. Тој беше прекрасен татко, а јас секогаш велев дека луѓето се над сè. Така и живеевме“, открила Цеца во едно интервју.
Посебно емотивно зборувала за раѓањето на ќерката:
„Претходно имав проблеми со бременостите, а Каја ја доживеав како дар од Бога. Бев пресреќна кога забременив, и се сеќавам дека за време на бременоста размислував само позитивно. Кога го слушнав нејзиниот прв плач, тоа беше момент кој со ништо не може да се замени. Тоа е космичко искуство“, раскажала актерката.
Љубомир Муци Драшкиќ – љубов посилна од формалностите
Додека Цеца и Милош Жутиќ сè уште формално биле во брак, во нејзиниот живот влегол режисерот Љубомир Муци Драшкиќ. Нивната љубов, како што Цеца често истакнува, била толку силна што ги надминала сите формалности и правни рамки.
„Нашата љубов беше посилна од сите документи. Бевме заедно и пред нашите претходни бракови формално да завршат. Се венчавме дури во 1990 година, но многу пред тоа живеевме заедно“, искрено раскажала Цеца за почетокот на оваа врска.
Муци ѝ бил голема поддршка, не само во приватниот, туку и во професионалниот живот. Заедно поминале низ многу предизвици, но и овој брак не бил поштеден од трагедија.
„Кон крајот на деведесеттите почна да се повлекува во себе, како да ја губеше волјата за живот. Никогаш не сакаше да оди на лекар, никогаш не ги сфаќаше сериозно предупредувањата. По бомбардирањето, неговите пријатели буквално го однесоа во болница, каде што му открија сериозни проблеми со крвните садови. За жал, не издржа. Почина во 2004 година од срцев удар, на 67-годишна возраст“, раскажала Цеца низ солзи во едно од ретките интервјуа за смртта на Муци.
Со Муци Цеца поминала можеби најдолгиот период од својот живот, а нивната љубов останала запаметена како длабока и посветена, иако немале деца.
Славко Круљевиќ – дипломатска љубов во позрели години
По години тага поради смртта на Муци, Цеца не ни претпоставувала дека повторно ќе се заљуби. Сепак, судбината имала други планови. Во 2011 година стапила во трет брак со дипломaтот Славко Круљевиќ, кого го запознала преку заеднички пријатели.
„Пријателите на Славко, кои ме познаваа мене, организираа вечера за да нè запознаат. Тој тогаш дојде од Њујорк, каде што беше заменик шеф на Мисијата на Србија при ОН. Првин се среќававме на тие вечери, а по два месеци за првпат отидовме сами на ручек. Така започна сè“, раскажала Цеца.
За разлика од претходните бракови, со Славко пронашла мир и стабилност.
„Во овие години учите што навистина ви е важно. Славко е човек кој ме почитува, ме разбира, има широк поглед на светот. Прекрасно е кога можете да делите живот со некого, а притоа да си останете свој. Нашиот брак е токму таков – полн со поддршка, но без ограничувања“, рекла актерката.
Тие често патувале заедно, но Славко починал на 75-годишна возраст во Белград од последици на респираторна инфекција.
Цеца за љубовта и животот
Преку сите свои бракови, Цеца останала доследна на себе – борејќи се за љубов, но и за достоинство. Денес, кога гледа наназад, има јасен став за бракот:
„Бракот е заедница на двајца луѓе, но за да опстане, потребна е огромна доза толеранција, разбирање, па дури и жртва. Но, никогаш по цена да се изгубите себеси. Научив дека љубовта е убава кога луѓето се почитуваат, кога умеат да разговараат. Кога тоа го нема, подобро е достоинствено да продолжите понатаму“, порачала славната актерка.
Иако три пати застанала пред матичарот, Цеца Бојковиќ денес вели дека е исполнета жена – благодарение на љубовта на своето семејство, пријателите и, секако, својата ќерка Каја.