4.8 C
Скопје
09:28 - 26 декември, 2024

Хенри Милер, мудрецот на сексот и неговата муза Бренда Венус

Хенри Милер бил славен писател и имал 85 години кога ја запознал анонимната 20-годишна глумица Бренда Венус. Биле неразделни до неговата смрт.

На 7 јуни 1976 година,  Бренда Венус го добила првото писмо од Хенри Милер. Таа била анонимна актерка и балерина, а тој веќе славен писател. Таа веќе цели 10-на години ги читала неговите книги (кои, инаку, биле забранети во САД), а тој веќе цели 50-тина години пишувал за нештата од кои на многумина им се згадувало. Таа немала никого крај себе, а тој ги имал и Џун и Анаис (и уште многу други). Таа учела за љубовта од тоа што тој го пишувал, а тој пишувал за она што го живеел – сексуалните скандали, блудноста (личната и на општеството), страста од која не можел да се воздржи. Таа имала 20 години, а тој речиси 85.

Премладата Бренда тогаш немала други соништа, освен оној – да го сретне Хенри Милер. Веќе стариот Хенри пак, се колнел дека нема да умре сè додека не почувствува љубов која толку ќе го успокои што самиот ќе посака да „заспие“ од среќа. Милер не знаел дека Бренда постои, додека таа очајно ја барала неговата адреса од секој оној кој случајно или не ќе го споменел неговото име. Многумина знаеле сè за неговата „развратност“, но речиси и немало такви кои го виделе Хенри во јавноста зашто тој со години не излегувал од своето мало тајно живеалиште. Месеци подоцна, Хенри за првпат се појавил на една јавна конференција одржана во негова чест, а нормално, Бренда  направила сè за да биде таму, по цена и да го чека пред влезот на салата, за да ја забележи.

Средба

Големиот ден, и покрај петдневната несоница, Бренда го дочекала во огромна несреќа. Додека нејзината куќа до темел горела од пожар, заедно со купениот фустан за вечерта, таа плачеела не затоа што останала без дом, туку бидејќи ја испуштила единствената можност да го види Хенри Милер. Два дена подоцна, во тотален економски колапс и без покрив на главата, задолжувајќи се „до гуша“ кај пријателите, го откупила хенриевиот последен ракопис на аукција, помирувајќи се дека тоа би било добро за крај на еден сон кој го живеела со години. Прелистувајќи го внимателно ракописот, секоја страница и личела на подарок, и…на подот паднало ливче – едно заборавено писмо кое Хенри го пишувал на некоја Јапонка. На дното на љубовното писмо – неговата адреса! Веќе следниот миг Бренда почнала да му пишува писмо:

„Драг Хенри, веќе шестта година сакам да те видам, не знам зошто, но знам дека ти си ми судбина. Не знам зошто, но знам дека ти ќе ме сакаш до болка. Знам дека ти, еден ден, ќе умреш со моето име на усните…“

Хенри немал обичај да одговара на писма, не одговарал ниту на писмата од претседателот, од кабинетите на министрите, никому. Им пишувал само на оние за кои мислел дека вреди да се пишува. Веќе следниот ден, 7-ми јуни, Бренда го добила неговиот одговор.

„Драга, драга Бренда, немој да си го губиш времето со мене. Ајде да се видиме веднаш.“

Средбата се случила на 8-ми јуни (четврток), на вечера во „Империал гарденс“ на булеварот Сансет.  И секој четврок понатаму. Така цели четири години.

Помеѓу два четвртока, Бренда добивала од Хенри по три писма секојдневно. Некогаш и по пет во денот. Секако, таа на сите одговарала. Бренда станала центарот на неговиот универзум, најважната жена во животот поради која најпосле, немал време за други жени.

„Зошто ме одбра мене?“, му напишала таа.

„Затоа што само ти, единствено ти, потполно ја разбираш мојата душа. Дали те сакам? Тоа е како да ти објаснувам дали се движи земјата, дали ѕвездите светат, јас сум таму каде што си ти“, ѝ напишал Милер.

Од дневникот на Бренда

„Кога за првпат го сретнав Хенри највпечатливи беа неговите очи. Сини и немирни. Мирисаше на мало детенце, изгледаше неверојатно кршливо. Ја имаше онаа насмевка на устата. Некој ми рече дека секогаш ја имал таа насмевка за да изгледа задоволен од животот.

Редовно се сретнувавме во четвртоците, тоа беа негови единствени излегувања од дома. На Сансет булеварот. Беше премногу слаб. Еднаш заврна дожд и тој ме замоли да го прегрнам. Ме молеше како детенце „стави ме под твојот мантил Бренда, те молам скриј ме под твојот мантил за никој да не види колку ме плаши дождот“.

Ми испраќаше подароци. Некои мали, необични подароци. Некои платна од Јапонија, некои книги од Европа, стилизирани пенкала и слични нешта кои би ме натерале да пишувам. Често ме потсетуваше дека убавината нема да ми остане засекогаш, а тоа напишаното, тоа е таа убавина што останува.

Хенри го сакаше Достоевски. Го сакаше и Пруст. Балзак, бездруго. Го мразеше Хемингвеј. Секогаш кога добивав улога за некој филм, тој негодуваше. Требаше да глумам во „Вампирка“, прекрасно, секси сценарио, но тој велеше „не сакам ти да бидеш таа. Банално е. Улогата ти е смешна. Улогата ти е навистина глупава“. Му одговорив – „Хенри, тоа ќе ми донесе пари, а ќе видиш ќе биде и забавно“. Но не успеав да го убедам. Потоа добив улога за еден друг филм во кој требаше да скротувам некој лав во циркусот. Хенри извика – „Боже господе, тоа ќе биде најодвратната улога што би можела да ја прифатиш“. Му реков „ зошто тогаш ти не напишеш едно сценарио, едно од твоите романи па ќе глумам тоа што ти би сакал да бидам“. Хенри се замисли, молчеше десетина минути, па најпосле промрморе. „За да напишам сценарио мора да одиме во Париз.“ Утредента заминавме за Париз.

Џун, таа беше балерина како мене. И актерка, исто како мене. Таа веруваше дека Хенри може да напише книга. Таа го натера Хенри да напише книга. Ако Џун не влезеше во неговиот живот, Хенри никогаш нема да стапнеше во Париз. А ако тој никогаш не стапнеше во Париз нема да постоеше ниту Раковниот напоредник. Никогаш немаше да ја напише.

Анаис, таа беше жената која направи Хенри да стане најголем писател. Ако Џун беше онаа која го „разбуди“, тогаш Анаис беше сигурно онаа која го научи да лета. Барем тоа е мојот впечаток. И ако Хенри Милер никогаш немаше да биде тоа што е без Анаис, тогаш ни Анаис Нин никогаш немаше да стане писателка без Хенри Милер. Тој направи се за нејзината кариера. Беше премногу великодушен кон неа.

Хенри сакаше да ми зборува долго за Џун и Анаис. Мислам дека Џун ја сакаше повеќе од Анаис, за неа зборуваше многу повеќе и многу подолго отколку за Анаис. Хенри ги сакаше жените. Ги почитуваше жените. Го сакаше и начинот на кои тие одеа, нивниот парфем, гестикулациите, движењето на рацете, косата, женската кожа. Не се наоѓаат многу мажи кои на ваков начин ги сакаат жените. Барем јас не познавам никој друг. Главно мажите поинаку ги сакаат жените, или сакаат да ги однесат во кревет, или сакаат да направат трофеи од нив. Не јас навистина не познавам никој друг кој знае да сака како Хенри.

Уметноста беше неговиот живот. Пишуваше наутро, а попладне сликаше. Од дете прекрасно свиреше пијано, тој имаше безброј таленти. Во младоста бил одличен атлет, нешто подоцна првак во пинг понг. Беше најдобар велосипедист во генерацијата. Пливаше со часови. Хенри го сакаше животот. Сакаше да вечера со најблиските пријатели, да испие шише вино, а овошјето го јадеше со сирење. Сакаше јагоди со шампањско. Знаеше да ве насмее до солзи. Имаше извонреден смисол за хумор. Знаеше и да готви и уживаше да готви.

Моето семејство беше луто на мене. Мојот татко е Сицилијанец, а мојата мајка по потекло е Индијка. Кога за првпат го спомнав Милер првата реакција беше ваква „Ох, душо тој е прекрасен!“. Вторпат кога го спомнав – „знаеш мама, ние сме добри пријатели и постојано си пишуваме писма“ тие беа радосни што јас го познавам НЕГО. Веќе третиот пат беше страшно. „Бренда, луѓето зборуваат дека ти и Хенри сте во врска. Луѓето зборуваат дека ти имаш односи со еден старец кој би можел да ти биде прадедо!“. Татко ми никогаш не престана со оваа приказна. Беше ужасно лут на мене, никогаш не ми прозборе. Моите родители се од оние луѓе кои од мала ме учеа да бидам добра домаќинка, да се омажам добро, да бидам верна, па едноставно Хенри не може да го „проголтаат“. Ме мразеа што е така. Мразеа да го спомнам неговото име. Мразеа што ги разочарав. Години подоцна, мајка ми се согласи да дојде да ме посети. Татко ми никогаш повеќе не стапна во мојот дом. Знаете каков може да биде еден вистински Сицилијанец.

Тоа ми се случуваше секојдневно. Луѓето ме гледаа со презир, со прстот покажуваа на мене, еве ја, таа е новата курва на Милер. Премлада е за него. Не е вистина дека никогаш не се допреле. Не престанував да им велам – „Не, вие навистина ништо не разбирате! Не е тоа што вие мислите. Јас и Хенри не водиме љубов. Нашата врска е врска на две срца.“ Мислите ли дека некој ми веруваше?

Еднаш и навистина го прашав „Хенри, што мислиш ти за тоа…, што би се случило ако ние водиме љубов?“Тој ми одговори – „Бренда, јас навистина не би можел тебе да те допрам. Сигурен сум дека ако само те допрам ќе умрам. Ете тоа би се случило“.

Размениле 8.808 љубовни писма

Во четиригодишниот страсен, заносен, болно-љубовен период на Хенри Милер и Бренда Венус тие меѓусебно си размениле 8.808 љубовни писма, 192 средби во четврток навечер, десетдневно патување во неговиот омилен град Париз и еднодевно патување кај, тогаш, најпознатиот астролог за да им открие дали навистина тој и таа се тоа што се вика судбина. Седум бакнежи во образ и 192 стегање за рацете, два пати повеќе на силни прегратки (при излегување и при влегување во ресторанот). И ништо повеќе од тоа. Хенри Милер, авторот на најсекусалните дела од минатиот век, махерот за секс скандали и куп т.н вулгарности немал никаков интимен контакт со „судбината на неговиот живот“, Бренда Венус.

На 7 јуни 1980 година почина Хенри Милер, мирно во својата постела, во куќата на Пацифик Палисејдс, на истиот ден кога точно пред четири години го испратил првото писмо на Бренда. Го нашле со насмевка на лицето и со пенкало во раката. И пишувал писмо на Бренда, неговото последно писмо за неа, во најголем наплив на среќа од која можеби, како што некогаш се колнел, самиот посакал да се успокои.

Слични објави

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ го честиташе Божиќ: Ѕирнете во празничната идила во домот на пејачката!

Еспресо

Хороскоп за 26 декември: Скорпијата ќе добие нова шанса, Лавот ќе доби одлични вести од странство

Еспресо

Приведена Гога Секулиќ: Сè се случило на границата со Хрватска, со неа бил и нејзин колега

Еспресо

„Секогаш ќе ми бидеш прво дете…“: Саша Ковачевиќ со емотивна објава покажа кој му е најважен на светот

Еспресо

(Фото) Адам Лабунски објави слики со ќерката Хана: „Моето мало девојче“

Еспресо

Ова се најскапите свадби на српската естрада: Милиони евра, лимузини, специјалиети и светски креации

Еспресо
Се вчитува....