Велигденските празници направете ги уште поубави подготвувајќи превкусна празнична торта. А која торта е најубава? Се разбира, чоколадната.
Тортата декорирајте ја во духот на празниците – со чоколадни јајца или со чоколадно зајаче за свечената велигденска трпеза.
За бисквитот:
4 јајца,
100 гр шеќер,
1 ванилин шеќер,
100 мл масло,
70 гр остро брашно,
30 гр какао во прав,
половина ќесичка прашок за печиво.
За чоколадниот крем:
500 мл слатка павлака за шлаг,
300 гр чоколадо за готвење,
200 гр млечна чоколада.
Подготовка:
Помешајте го брашното со прашокот за печиво и какаото, па ствете го настрана. Белките од јајцата изматете ги во цврст снег. Жолчките пенесто изматете ги со шеќерот и ванилиниот шеќер, па додадете масло. Неизменично додавајте по малку од сувите состојки, по малку од белките и нежно мешајте ја смесата додека сите состојки се соединат.
Со хартија за готвење обложете го дното на калапот за печење (26 см), па претурете ја подготвената бисквитна смеса. Бисквитот печете го 15-20 минути на температура од 180 степени. Со чепкалка проверете дали е испечен.
Оставете го бисквитот во калапот за торта и оставете 15-на минути да се излади на собна температура. Во меѓувреме подгответе го чоколадниот крем. Во лонче ставете ја павлаката за шлаг и искршеното чоколадо и загревајте го кремот на ниска температура додека чоколадото не се стопи. Чоколадниот крем ставете го врз бисквитот. Тортата прво изладете ја сосема, на собна температура, а потоа во фрижидер (најдобро преку ноќ).
За украсната декорација на тортата ќе ви треба чоколадно зајче (поголемко), мини-чоколадни јајца и малку зелен кокос кој ќе имитира трева. Зелениот кокос ќе го добиете на тој начин што на кокосот ќе му додадете зелена боја за готвење. Обоениот кокос распоредете го врз тортата, па украсете со чоколадниот зајак и јајцата.
