Респираторните вирусни инфекции ги зафаќаат различните делови од системот за дишење какви што се носот, грлото, синусите, бронхиите, бронхиолите и белодробниот паренхим. Настинката и грипот се најчестите вирусни инфекции во нашето поднебје. Тие стануваат актуелни во есенскиот и во зимскиот период со намалување на надворешната температура. Овие инфекции може да ја афектираат која било старосна група, но почести се кај децата поради нивниот послаб имунитет.
Најчести респираторни вируси се инфлуенца А и Б, респираторниот синцициелен вирус, параинфлуенца вирус, аденовирус, риновирус, коронавируси (вклучувајќи го и ковид-19). Овие инфекции се карактеризираат со висока заразност и со брза трансмисија, односно лесно се пренесуваат по капков пат преку секретите од кашлање, кивање или со близок контакт на здраво со болно лице, како и преку предмети што се наоѓаат во непосредна околина на болниот. Затоа овие респираторни инфекции лесно се шират во затворени простории каде што престојуваат поголем број деца и возрасни, какви што се колективните установи, градинките и училиштата. Како дополнителни фактори што придонесуваат во нивно ширење се влажноста на воздухот и аерозагадувањето.
Најчести симптоми на респираторни вирусни инфекции се:
• течење на носот
• затнат нос
• црвени очи што солзат
• болка во грлото
• кивање
• кашлање со или без искашлување
• покачена телесна температура, трески
• малаксаност, болка во мускули и зглобови
• главоболка, раздразливост
• намален апетит
• тешко дишење со визинг
Симптомите се развиваат акутно, со различен интензитет и зависат од индивидуалната подготвеност на имунолошкиот систем да се бори против инфекцијата. Респираторните инфекции кај возрасните најчесто се манифестираат со благи симптоми, додека кај новороденчињата или доенчињата може да предизвикаат и компликации. Симптомите вообичаено траат една до две недели. Доколку симптомите се задржат подолго и се проследени со влошување на општата состојба како повторен пораст на телесната температура и појава на дополнителни симптоми, треба да се земат предвид и можни компликации.
Лекување
Лекувањето на вирусните инфекции најчесто е симптоматско. Кога се во прашање вообичаени и познати вирусни инфекции, најдобар третман за лекување е да се остане дома и да се мирува, што овозможува имунолошкиот систем да се бори против вирусот. За време на мирувањето, важно е да се пијат доволно течности. Земањето течности е исто така важно поради загубата на вода од телото за време на покачена температура. Наместо вода, за надополнување на течностите може да се користат чаеви, незасладени овошни сокови и производи за рехидратација, доколку е потребно. Се препорачува балансирана исхрана што содржи витамини и минерали. Мирувањето и одморот помагаат во закрепнувањето.
Зголемената телесна температура претставува прв одбранбен механизам на организмот во борба против инфекцијата. При покачување на температурата на 38-38,5 °C се активираат имунолошки механизми што учествуваат во одбрана на организмот. Доколку дадеме антипиретик на температура под 38,5°C доаѓа до послаб одговор на самата инфекција и инфекцијата може да трае подолго. Поради тоа антипиретик се дава само доколку температурата е над 38,5 °C, а по некои препораки и 39 °C. Вирусните инфекции никогаш не се третираат со антибиотици.
Превентивно давање антибиотици не се препорачува. Прекумерната употреба на антибиотици доведува до развој на резистенција на бактериите. Антибиотиците дополнително го ослабуваат имунолошкиот систем и негативно дејствуваат на заздравувањето. Антивирусните лекови против грип се покажало дека не само што го скратуваат времето на симптомите, туку може да го намалат и ризикот од тешко заболување и смрт, а имаат најголема придобивка ако се земат веднаш по појавата на првите симптоми.
Превенција
За да се заштитиме од респираторните вирусни инфекции, зимно време е потребно да се избегнува престој во затворени простории, какви што се: трговски центри, детски игротеки, киносали. Треба да се избегнува посета на болни лица, а просториите мора често да се проветруваат. Болниот треба да ги покрива устата и носот при кивање и кашлање. Исто така, потребно е да се применува правилно одложување на марамчињата што ги употребува болниот. Неопходно е доследно спроведување хигиена на рацете по допир со контаминирани материјали и дезинфекција на контаминираните површини.
За зајакнување на одбранбените механизми, потребно е да се внесува исхрана богата со протеини, витамини и минерали – витамин Ц и Д, како и да се престане со пушењето.
Одморот и физичката активност на чист воздух исто така придонесуваат за зајакнување на имунитетот.
Пред почнување на сезоната на грип, примањето вакцина против грип го намалува ризикот од инфекција. Сепак, ефикасноста од вакцината зависи од времето кога ќе се прими вакцината и колку добро таа е приспособена на доминантните видови грип во сезоната. Вакцинацијата против грип особено им се препорачува на постарите лица и на болните од хронични заболувања.
Закажете го вашиот термин за преглед во Клиника „Жан Митрев“ или консултација на 02 3091 484

Проф. д-р Љилјана Симоновска
Спец. интернист-пневмофтизиолог
