Шефицата на кабинетот на Белата куќа, Сузи Вајлс, е дијагностицирана со ран стадиум на рак на дојка, соопшти американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social наведе дека прогнозата е „одлична“ и дека Вајлс за време на лекувањето ќе продолжи да работи речиси со полно работно време во Белата куќа.
„Нејзината сила и посветеност да продолжи да ја работи работата што ја сака и што ја извршува толку добро, додека минува низ лекување, кажува сè што треба да знаете за неа“, напиша Трамп.
Сузи Вајлс порача дека планира да продолжи да ја извршува својата должност и покрај дијагнозата на рак на дојка во рана фаза. Во изјава наведе дека болеста е откриена навреме и дека е охрабрена од прогнозата на лекарите.
„Благодарна сум што имам извонреден тим лекари кои го открија ракот навреме и го водат моето лекување. Охрабрувачка е силната прогноза“, изјави Вајлс.
Трамп ја нарече „неверојатна личност и голем борец“, а болеста ја опиша како „помала пречка“.
„Таа веднаш ќе се погрижи за тоа“, рече претседателот, повторувајќи дека прогнозата е „одлична“.
Вајлс во последните години е една од клучните личности во политичкото опкружување на Трамп. Таа ја водеше неговата успешна претседателска кампања во 2024 година, по што беше именувана за шефица на кабинетот во Белата куќа, со што стана првата жена на таа функција.
Изборот на Трамп покажува дека сака поддршка од личност која добро го познава, со која тесно соработувал и која совршено го разбира неговиот специфичен стил на управување.
Во изјавата со која го најави нејзиното именување, рече: „Сузи Вајлс ми помогна да остварам една од најголемите политички победи во американската историја и беше составен дел од моите успешни кампањи во 2016 и 2020 година. Таа е силна, паметна, иновативна и високо ценета и почитувана. Сузи ќе продолжи неуморно да работи за повторно да ја направи Америка голема. Чест е да ја имаме како прва жена шефица на кабинетот во историјата на Соединетите Американски Држави.“
Несомнено станува збор за една од најзаслужните личности за повторното оживување на политичката кариера на Трамп, па американските медиуми често ја нарекуваат најстрашната и најмалку познатата политичка оперативка во Америка. Ретко се појавува на фотографии во близина на Трамп, а дури и кога е покрај него, секогаш е во позадина. Ретко зборува, а уште поретко за себе.
„Мислам дека не постои никој што има толку информации како неа. Никој во нашиот круг. Никој“, изјави Тони Фабрицио, главниот анкетар на Трамп, додавајќи: „Таа знае сè.“
Ледената дама
Ова е клучна позиција бидејќи го организира секојдневното функционирање на претседателството, координира различни агенции и обезбедува претседателот да биде добро информиран за да носи најдобри одлуки.
„Вајлс не е само една од главните советнички на Трамп. Таа е неговиот најважен советник“, истакнуваат специјализираните медиуми. „Таа е блиска со семејството Трамп и ја има лојалноста на поголемиот дел од својот сегашен тим.“
Трамп ја нарече и „ледена дама“ затоа што задржала низок јавен профил и присебност во моменти на најголем притисок.
За разлика од повеќето поранешни високи функционери на Трамп, Вајлс е личност која се држи исклучително дискретно. Познато е дека живее на Флорида, има две ќерки, баба е и покажува многу мал интерес за појавување на телевизија.
