2.8 C
Скопје
19:47 - 20 декември, 2024

Прво лице анфас – Зорица Црношија: Насмевката е став кон животот

Зорица Црношија – Зока, Зоричка, како за кој, е родена во Скопје во семејство на татко доктор и мајка правник. Ја познавам од времето кога беше дел од аматерското театарско студио „Црв“, значи од многу рана, нејзина тинејџерска возраст. Во тоа време стана и учесник во многу телевизиски проекти како автор, сценарист, водител и монтажер на А1 ТВ, Телма и МТВ (преку проект поддржан од Советот за радиодифузија). Зад неа се многу радиски, продукциски и модераторски ангажмани и проекти. Потоа професионално ангажирана во Адвертајзинг агенцијата „Публицис“ цели 16 години како ПР-менаџер. Во моментов е менаџер за големопродажба во „Студио Модерна“.

Денот е стрес, огромната количина на обврски што сама си ги задавам и целите што ги проектирам. Лекот е лесен; чаша вино, вежбање, пешачење или пеглање.

Без што не го почнуваш денот?

– Кафе, туш, пеглани алишта, наместени кревети, измиени садови, фрлен смет. Тоа е мојата библија.

Кога ќе станам на лева нога…

– Не сум зајадлива, огорчена, гласна или фрустрирана. Само дефанзивна.

Кога би правела авто-кроки, како би се опишала себеси?

– Голема глава, коцкесто тело и предолги стапала. Спореден лик во Алан Форд.

Како се справуваш со крајните рокови?

– Не е страшно, под адреналин сè се постигнува. Проблемот е што потоа добивам херпес или мигрена.

Кој е твојот најчест извор на стрес и како се штитиш од него?

– Денот е стрес, огромната количина на обврски што сама си ги задавам и целите што ги проектирам. Лекот е лесен; чаша вино, вежбање, пешачење или пеглање.

Во 90-тите почна и долго траеше на ТВ со сопствени емисии. Едно време работеше и на радио, а потоа се зафати во адвертајзингот. Каде повеќе се чувствуваше своја на своето?

– Телевизијата одамна не е моето место на творење, иако тогаш се чувствував автентична и своја. Беше убав период на креирање, работа и забава. Но, со годините, полињата и новите територии за освојување, жарот за медиуми згасна. Адвертајзингот е убаво, но магловито поле на дејствување. Продажбата е тешка, но егзактна. Е јас сум во бермудскиот триаголник меѓу сите три. И тука засега е добро.

Каква е разликата во ТВ-програмата тогаш и сега?

– Тогаш се креираше програма со визија и со ентузијазам, желба за подобро и поквалитетно секоја сезона. Се инвестираше и се работеше со умисла. Денес се откупуваат турски, шпански, бразилски или какви веќе не серии со тривијална содржина и се емитуваат рециклирани народни приказни. Верувам дека никој не е задоволен со моментната ситуација; ниту луѓето по телевизиите ниту гледачите.

Дали луѓето уште те препознаваат и дали ти годи кога ќе те препознаат?

– Не. Ретко кој ме препознава. Можеби само уште по гласот или по насмевката. За младите сум анонимец. За постарите не сум веќе релевантен лик.

Што те инспирира во секојдневниот живот, а што во работата?

– Ме инспирира денот, животот севкупно, можноста да направам нешто добро секој ден, да унапредам, да обновам, да подобрам, да бидам поквалитетна или покорисна за себе, за семејството, за колегите, за околината. За попозитивен свет.

Има ли место во твојот дом што ти е непристапно?

– Последната полица во шпајзот за која ми треба скала и на која стојат кутии со резервни делови од правосмукалки или држачи за нешто, кои никогаш не биле искористени. А бидејќи не сакам клатер и неред, дури и тие што не ги гледам, ми сметаат.

Што научи од своите деца?

– Дека можам да бидам подобар човек. И сум.

Бела и Мате, фото-приватна архива

Што цениш, а што те нервира кај мажите?

– Ме избезумува таа една целоживотна мрза, тромавост и флегматичност. Идеја дека секогаш има некој друг да ги заврши нештата. Неоптовареност. Игнорантски однос и левтерност.

Што те врзува за Јадранското Море?

– Пливање по цело лето, први симпатии, бескраен ден, најубавото и најбезгрижното детство. Чувството дека таму сум најблиску до себе.

Музика што те орасположува…

– Слушам музика што ми побудува длабоки емоции, ми воскреснува најдраги спомени или ме гали, незадолжително ме орасположува…

Колку ти значат боите и која ти е омилена?

– Омилена ми е розова, бидејќи мајка ми сметаше дека не ми прилега и цело детство ме облекуваше во црвена или зелена. А за мене боите се едноставно израз на животна радост и самодоверба.

За што немаш време?

– За приказни и животни стории на луѓе што не ги ни познавам. Туѓите животи совршено не ме интересираат.

Кога станува збор за начинот на облекување, повеќе цениш стил или моден тренд?

– Мојот став кон облекувањето е толку автохтон, што не сум заинтересирана за тоа во која група спаѓам. Ниту се сметам за модерен човек, а ниту за поединец со изграден стил. Мојата желба или потреба да се изразам преку облеката мутира и се преобразува постојано.

Кога би можела да разговараш со кој и да е човек кој кога и да е живеел, кој би бил тоа?

– Никола Тесла ми е најзагадочна фигура.

Насмевката е…

– Став кон животот.

Твоето мото во животот.

– Сè што те допира – те менува.

 

Слични објави

(Фото) Чантата на Јелена Томашевиќ вреди колку зимување на Копаоник: Сите зборуваат за ова модно парче

Еспресо

(Фото) Поранешниот сопруг на Драгана Мирковиќ ужива за сите пари: Чаша бело вино и нереална глетка на убава дестинација

Еспресо

По раскинувањето со Зоран Марјановиќ, Инди откри валкани детали за поранешниот: „Манипулатор кој ми го испра мозокот“

Еспресо

Оваа земја ќе биде засекогаш исфрлена од Евровизија? Има една причина

Еспресо

Разоткриен просекот на оценките на Јована Јеремиќ од факултет: Сакам да ги нервирам квазиинтелектуалците

Еспресо

(Фото) Голема прослава во домот на Сања Маринковиќ! Огномет го осветли небото, еве кој е поводот

Еспресо
Се вчитува....