9.8 C
Скопје
06:39 - 11 мај, 2024

Препознајте ги симптомите: Кога аритмијата е безопасна, а кога опасна по живот?

Аритмијата означува неправилен ритам и/или број на отчукувања на срцето. Кога зборуваме за аритмија, не значи дека срцето чука премногу бавно или пребрзо, тоа значи дека неправилно чука, па истовремено може да имате аритмија со бавно или забрзано работење на срцето. Некои типови аритмија се јавуваат кај нормално, здраво срце, кога ќе се наруши дел од проводните патишта што ги предизвикуваат забрзаните импулси. Тоа може да биде резултат на алкохол, стрес, никотин, диетални таблети, лек за кашлица, спреј што го олеснува дишењето кај астмата, или хроничен бронхитис. Причини за срцеви аритмии може да бидат и некои лекови, или вишокот на тироидни хормони (зголемена функција на тироидната жлезда), како и предозирање со хормони на штитната жлезда.

„Прескокнувањата“ на срцето, или т.н. екстрасистоли, се многу чести кај здравите луѓе и најчесто се безопасни. Повеќето здрави луѓе имаат барем едно дополнително прескокнување на срцето во текот на денот, екстрасистолите може да не се почувствуваат, или понекогаш се чувствуваат кога лицето лежи мирно во креветот. Кофеинот, енергетските пијалаци, газираните пијалаци, алкохолот во поголеми количини, може да го зголемат бројот на екстрасистоли.

Меѓутоа, аритмиите се поврзани и со заболувањата на срцето, на пример:
Исхемична болест на срцето (која предизвикува ангина пекторис или срцев удар). Кај оваа состојба, постои намален проток на крвните садови на срцето – артериите, поради нивното стеснување, а аритмијата се јавува поради стеснување на гранките на артериите, кои се одговорни за снабдувањето со крв во проводниот систем на срцето. Оштетениот мускул на срцето од инфарктот може да доведе до аритмија или да ги блокира електричните импулси на срцето.

Болести на срцевите залистоци што доведуваат до зголемување на срцевите шуплини, што доведува до нарушена електрична активност, на пример, атријална фибрилација е најчестиот вид аритмија кај болестите на митралната валвула.

Високиот крвен притисок (хипертензија) може да го оптовари срцето и да предизвика аритмија.

Старост – стареењето на проводниот систем на срцето, кој е одговорен за електричните импулси, е една од причините за целосен блок на срцето.

Промени во срцевиот мускул – воспаление (миокардитис) или посебни стекнати или вродени болести на срцевиот мускул – кардиомиопатија.

Некои типови аритмија се резултат на вродени абнормалности на проводниот систем на срцето, на пример, вроден алтернативен електричен пат, кој се развива помеѓу преткоморите и коморите на срцето; аритмија може да се појави за првпат по детството. Некои вродени срцеви аномалии се поврзани со некои видови аритмии. Нарушување на нивото на електролити во крвта (натриум, калиум, итн.).

Кои типови аритмии постојат?
Постојат различни видови аритмии и сите се резултат на промените во електричниот (проводниот) систем на срцето. Аритмиите можат да бидат безопасни, или опасни по живот и да доведат до ненадејна срцева смрт, некои се привремени, а некои постојани. Утврдувањето на типот на аритмијата и ризикот од истата препуштете го на вашиот лекар.

Кој има зголемен ризик од појава на аритмија?
Аритмиите се почести кај постарите лица, посериозен вид на аритмија е почест по 60-тата година. Возрасните се почувствителни на несаканите ефекти на некои лекови кои доведуваат до аритмии. Дури и некои лекови што се користат за лекување на аритмија може да ја предизвикаат.

Како се дијагностицира аритмија?
Аритмиите понекогаш се тешки за дијагностицирање, особено оние што траат кратко и се појавуваат повремено.
Основната процедура е електрокардиограм (ЕКГ) кој ја мери електричната активност на срцето во рок од неколку секунди и може да не открие аритмија ако е краткотрајна или не се јавува при снимањето. Затоа, вашиот лекар може да препорача да носите Холтер апарат, кој ќе го сними работењето на срцето во текот на 24 часа или повеќе, континуирано. Постојат и посебни монитори за следење на работата на срцето во текот на неколку денови, па дури и недели.

Понекогаш за дијагностика на аритмијата се потребни биохемиски анализи на крвта и ултразвучен преглед на срцето (ехо) кои ќе откријат дали имате структура на болест на срцето, евентуално проширување на некоја од шуплините на срцето, нарушена функција на залистикот, вродена или стекната срцева мана или оштетување на срцевиот мускул. Лекарот понатаму одлучува дали се потребни дополнителни специфични испитувања во зависност од дотогашните резултати и медицинската историја.

Како се лекува аритмијата?
Третманот на аритмии зависи од типот на аритмијата и од тоа колку е сериозна. Некои луѓе со аритмија немаат потреба од лекување, некои треба да го променат животниот стил, да земаат лекови, па дури и да се оперираат.

Како да се живее со аритмија?
Лицата со безопасни аритмии можат да живеат нормално без потреба од лекови. Дури и лицата со сериозни аритмии можат успешно да се лекуваат и да водат нормален живот, секако во зависност од видот на аритмијата, срцевото или другото заболување што постои и лекарските препораки.
Ако имате аритмија што треба да се лекува, потребно е: редовно да одите на лекарски преглед и секогаш да го носите списокот со лекови што ги користите; пропишаната терапија од лекарот треба да се зема редовно; секогаш кажете му на лекарот ако земате додатоци на своја рака, или лекови за алергии и настинка, како и спрејови што можат да предизвикаат неправилно работење на срцето. Секогаш информирајте го лекарот ако имате влошување на симптомите и состојбата. Ако земате лекови за разредување на крвта (антикоагулантна терапија), правете редовни рутински контроли на крвта, како што ви е препорачано.

Ако имате аритмија, важно е да се грижите за себе. Ако чувствувате нестабилност или несвестица, треба да легнете, не движете се, не управувајте со автомобил. Соопштете му ги на лекарот овие симптоми. Нека тој ви објасни како да го проверувате пулсот на срцето, а ако имате нови промени, информирајте го.

Слични објави

„Таблетот… Ама, сè ми украдоа!“: Сандра Африка со детали по грабежот во Словенија

Еспресо

„Не можам да гледам сатанизам“: Српскиот пејач Ацо Пејовиќ проговори за Евровизија

Еспресо

(Фото+видео) Денеска е еден од најтешките денови за Никола Роквиќ: Налета на опасна змија, но сепак успеа да ја соопшти радосната вест

К. А.

(Фото) „Море марш бре!“: Твитот на Марија Шерифовиќ за време на полуфиналето на Евровизија многумина го коментираат како порака до Израел

Еспресо

Мирослав Илиќ си купил гробно место за себе и за сопругата: Секоја чест за алејата на заслужните, но јас секогаш го избирам Мрчајевци

Еспресо

(Фото) Џастин Бибер ќе стане татко: Хејли е бремена, го очекуваат првото дете

Еспресо
Се вчитува....