14.8 C
Скопје
00:35 - 2 мај, 2024

НА ЛОВ НА ЦРНИ ДИЈАМАНТИ СО АНГЕЛ БОРИСОВСКИ: По тартуфи во Франција и Италија? Не, и кај нас ги има на претек!

Секој што еднаш ги пробал во своето јадење им останува вечен поклоник.

Печурките и Ангел Борисовски имаат долго минато. Ги собирал уште од дете, минувајќи ги летните распусти на планина. Во тоа време поимот тартуф во Македонија бил само мит, никој ниту знаел дека ги има кај нас, никој ниту ги барал, вели Ангел, започнувајќи ја својата приказна за скапоцените печурки наречени тартуфи, во светот познати како црни дијаманти. На темата тартуфи, Ангел се посветил пред десет години. Не знаел кому да се обрати, овде кај нас, па за да си одговори на бројните прашања почнал да бара луѓе од соседството.

– Се соочив со ситуација дека пронаоѓањето на тартуфи во Србија е многу раширено, дека постојат голем број на тартуфари, и тоа дополнително ми даде мотив дека штом ги има кај нив, зошто не би ги имало и кај нас. Искрен одговор и добредојде во друштвото ми понуди човек со кој до денес останавме во одлична комуникација. Боки од Пожаревац беше мојата следна дестинација. Неколку дена по разговорот заминав за Србија. Првата средба со Боки и тазе собраните тартуфи, кои цело време ги чував под носот, траеше повеќе од 12 часа. Во следните две години, додека не го купив своето прво дресирано куче, бев доста чест гостин кај Боки. Викенди поминував во Пожаревац учејќи за тартуфите, како теоретски, така и практично, на терените, раскажува Ангел.

приватна архива

Од нашиот соговорник дознаваме дека Македонија има одлична плодна почва и клима за сите видови на комерцијални тартуфи и дека постојат осум вида тартуфи. Низ Европа пак, тартуфите се распространети меѓу 41.от и 45.от степен северна геогравска ширина, што значи дека и Македонија, која е на 42.от степен, ја става во истиот појас на држави погодни за берба на овие ретки печурки. Европските држави имаат богата тартуфска историја, со над 100 годишна традиција на берба.

– Нема да откријам точни локалитети каде се наоѓаат тартуфи во Македонија, но ќе кажам дека се распространети речиси низ целата држава, некаде повеќе, некаде помалку, ни вели Ангел.

Со обучено куче потрагата е едноставна

Црните дијаманти обично се изнаоѓаат со помош на кучиња, но Ангел ни раскажува дека првите записи за најдени тартуфи кажуваат дека биле со помош на прасиња. Некои делови на Италија и Франција и денес сè уште работат со дресирани прасиња.

– Јас, а и повеќето тартуфари, тоа го правиме со дресирани кучиња. Постојат повеќе раси на кучиња кои можат да бидат обучени за работа на терен, но една е светски признаена како раса на куче за барање на тартуфи. Тоа е расата Лагото Ромањоло, италиански териер, раса од која чувам две кучиња, раса која ми ја предложи Боки од Пожаревац, раса која ми влезе под кожа како работно куче и домашен миленик, објаснува Ангел.

приватна архива

Ни објаснува дека, во пракса, потрагата по тартуфи е многу едноставна ако имате добро обучено куче, но само доколку добро ги познавате македонските шуми, а со тоа и да знаете каде точно да го насочите кучето да бара.

– Велам точно да знаете каде, зашто секое годишно време дава различен вид на тартуф, кој расте на различна надморска височина, се создава во кореновиот систем на различни видови дрва, успева на различна страна на светот и уште еден куп фактори кои би овозможиле оваа ретка подземна печурка да се создаде, расте и зрее, нагласува тој.

Го прашуваме, зошто се толку скапоцени тартуфите?

– Една од основните причини е дека расте под земја и дека „ловот“ на истата не може да се изведе без помош на животно кое би ја намирисало и би сигнализирало дека тука нешто се крие. Второ, тартуфите имаат огромно гастрономско влијание користејќи се како додаток и засилувач на вкусот на скоро сите видови јадења, предјадења, салати, десерти…Понатаму, содржат голема количина на високо квалитетни протеини и сите неопходни аминокиселини, минерални соли, високо ниво на калциум, магнезиум, содиум, железо, цинк, како и витамини Б1, Б2, Б3, Б12 и Д, ни одговара Ангел.

приватна архива

Цената кај нас им е далеку под вистинската вредност

Своевремено, додека сè уште немал стекнато бројка на консументи на свеж тартуф, а имал количински залихи, Ангел експериментирал, со цел да го продолжи рокот на трааење на печурката, со правење мед, масло, сол, ракија со тартуф. Но, денес бројот на заинтересирани потрошувачи кои користат свеж тартуф во секој период од годината е драстично зголемен. А на нашиот тартуфар сега главна цел му е да направи сопствена плантажа, па затоа е ориентиран кон микоризирање дрвца. Имено, микоризирање на дрвца значи, – како што пластично ни објаснува Ангел – самите да создадете коренов систем кој во себе носи материјал за, по извесен број на години, да дојде до репродукција, односно создавање на плодно тело во тој коренов систем.

На тој начин сте создале сопствена бавча во која ја берете најскапата печурка во светот.

– Спремни, микоризирани и развиени, микроскопирани и потврдени, 2.000 дрвца ќе бидат насадени оваа есен од моја страна и тимот со кој работам, нагласува тој.

Интересот за тартуфи во Македонија секојдневно расте, а културата за консумирање тартуфи зема сè поголем замав. Сепак, не секој може да си ги дозволи.

– Цената на тартуфите зависи од нивниот вид, и воопшто каква е сезоната во која се собираат. Истата е далеку под вистинската вредност и конкретно кај нас достигнува од 100 до 300 евра за црн тартуф, односно 1.500 до 3.000 евра за бел тартуф. Надвор од границите на државата овие бројки се, во најмала рака, тројно повисоки, вели Ангел.

Фото – Приватна архива

Слични објави

(Видео) Трча и ја гушка иконата! Никола Роквиќ откри колку пари собрал за само 10 дена од патувањето за Грција

Еспресо

Ужасен предлог: Милица Павловиќ низ солзи му се дерела на Саша Поповиќ

Еспресо

(Фото) Дарко Лазиќ фати риба за која може само да сонува! Пејачот се пофали на социјалните мрежи

Еспресо

(Видео) Северина пееше во Дубровник, Новак Ѓоковиќ уживаше на концертот: Публиката во транс

Еспресо

Кога да ги миете прозорците пред Велигден: Не пропуштајте го овој ден

еспресо

(Фото) Јелена Карлеуша брутално му одговори на Душко Тошиќ: Еве што мисли за девојката со која е уловен во Дубаи

еспресо
Се вчитува....