Хрватскиот пејач Јаков Јозиновиќ во рамки на неговата турнеја за 2026 година „Ја за чуда летим“ (Ja za čuda letim) за првпат ќе настапи во Скопје на 9 април во Арена „Јане Сандански“.
Музика, емоција и искреност – сето тоа го носи младиот музичар Јаков Јозиновиќ (20), кој со својот глас, настапи и автентичност ја освојува публиката низ целиот регион. Иако е дури на почетокот од музичката кариера, веќе има јасно обликувана визија, големи идоли и препознатлив стил.
Јаков Јозиновиќ многу млад се појави во натпреварувањето „Суперталент“, каде што со својот глас и изведбата на песната „Bohemian Rhapsody“ буквално го воодушеви жирито, а во меѓувреме продолжи да работи на својот глас и кариера.
Најголемо внимание привлекоа неговите спонтани настапи на улици и градски плоштади, каде што најчесто пееше „Оливера“, „Цесарица“, „Јужњаци“ и други големи хитови.
„Една од најдрагите песни што ги изведувам дефинитивно е ‘Куќа полна народ’ од Здравко Чолиќ. Текстот на таа песна доволно зборува сам за себе, но и за мене како музичар. Намерно ја оставам за крај, затоа што текстот за мене е благодарност до сите луѓе кои дошле да ме слушнат и да ме поддржат“, изјави Јаков за порталот Fashion.hr.
„Оливер е токму тој што најмногу ме инспирира. Така беше од мал и остана до денес. Изборот на песни, текстовите и емоцијата во сите негови песни се нешто во што најмногу се пронаоѓам.“, -додаде Јаков и потоа откри која е песната без која не може да се настапува.
„Песна без која моментално не можам да настапувам е ‘Оливера’. Луѓето многу ја засакаа во мојата изведба, но сигурен сум дека во голем дел за тоа е заслужен и самиот Балашевиќ – еден од најголемите“, изјави за net.hr.
Инаку, Јаков е студент на Факултетот за политички науки во Загреб, со години се занимавал со тенис, а интересно е што, иако го прославија социјалните мрежи, никогаш не им посветувал многу внимание, туку тоа се снимки што ги споделувале неговите фанови.
„Јас велам дека всушност сè е поради жените, тие се двигателот и без нив не можеме. Затоа сум благодарен – тие се тие што ме туркаат напред и поради нив, многу веројатно, ќе успеам во оваа кариера, ако даде Бог.“
За својот емотивен живот не сака многу да зборува, но засега е познато дека е слободен.
„Мислам дека девојка не се бара, мислам дека тоа доаѓа. И тоа е можеби една од причините зошто јас во моментов сум слободен, затоа што не го форсирам тоа. Ако дојде и ако дојде природно, искрено, ќе го прифатам со широко отворени раце“, изјави за Dnevnik.hr.
Покрај музиката, Јаков се интересира и за спорт, а пет години тренирал тенис, кој денес го игра само рекреативно, со пријателите.
Интересно е што пејачот, иако стана сензација благодарение на социјалните мрежи, никогаш не се занимавал претерано со самопромоција на интернет, што за многу големи ѕвезди е вообичаено.
Како што објасни една девојка која веќе уживала на неколку концерти на Јозиновиќ за MONDO, таа станала негова обожавателка поради комбинација од повеќе фактори. Иако има енергија на голема ѕвезда и создава одлична атмосфера на настапите, тој делува пристапно и природно.
– Откако бев на три негови концерти, а планирам и на четврти, луѓето ме прашуваат што го прави посебен. Секогаш велам дека тоа не е само музиката, туку целокупното доживување што го создава. Она што прво се забележува е неговата автентичност. Делува природно, непосредно и како некој „наш“, но истовремено ја има таа ѕвездена енергија што го издвојува. Токму таа комбинација создава силна поврзаност со публиката, бидејќи луѓето имаат чувство како да го познаваат, а не само да го слушаат – истакна таа.
