Поради светската пандемија со Ковид-19 актуелната туристичка сезона е поинаква од сите претходни досега, а бидејќи многу земји не ги отворија своите врати за посетители од Македонија, домашните туристички центри во екот на сезоната се полни со гости.
Пред нешто повеќе од две недели беше објавен и протокол за однесување на плажа, кој вклучуваше задолжително носење на маски на сите присутни и вработени, како и држење на социјална дистанца од два метри на плажа, но и во вода.
Меѓутоа, „лудите“ забави на Градиште во Охрид во текот на изминатиот празничен викенд се вистински доказ за тоа дека мерките не се почитуваат, а присутните се забавуваат како да нема пандемија.
Од друга страна, покрај прекршувањето речиси на сите мерки за заштита од Ковид-19, „туристичкото лудило“ во Охрид оваа сезона го искористија и тамошните угостители, чии цени буквално „отидоа до небо“.
Користејќи го дефицитот на странски туристи и фактот дека сè повеќе домашни гости ќе го поминат годишниот одмор во некоја од домашните туристички центри, цените за сместување, за лежалки, но и за пијачки во кафулиња ширум Охрид се буквално астрономски.
По викендов кој е зад нас многумина на социјалните мрежи го искажаа својот револт од наглото зголемување на цените, а судејќи според сведоштва на посетители на кафулиња, за да се резервира место во угостителските објекти во Градиште било потребно да се потрошат најмалку 3.000 денари.
„Четворица другари влегуваме во кафуле на плажата Градиште во Охрид, а келнерот ни рече дека доколку сакаме да седиме овде, таа маса ќе не чини најмалку 3.000 денари. Келнерот ладнокрвно ни рече: Платете си толку пари и седете додека не ги потрошите, инаку не“, велат туристи од Скопје, разочарани од третманот на охридските угостители.
Како што тврдат други гости кои викендов го поминале во Охрид, на маса во кафуле во Градиште можело да се седне само со претходна резервација, со тоа што потребно е да направите сметка од 3.000 до 6.000 денари.
Покрај цените на пијачките, туристите се жалат и на високите цени на лежалките.
„Лежалка на плажа чини 300 денари без пијачка, место стол, астал 500 денари со пијачка, маси од 3.500 до 6.000 денари и тоа се резервација. Сите собрани еден до друг, нема место каде да се помине“, гласи еден коментарите на социјалните мрежи за актуелната состојба во Охрид.
Покрај поскапувањето на цените на лежалките, пијачките и условот да се потрошат над 3.000 денари за резервација на маса, се чини дека во некои од кафулињата на плажите во Охрид се наплаќа и играњето на карти.
На инстаграм-страницата „Охриѓани“ објавена е фотографија од табла на која јасно пишува дека за играње на карти се плаќа по 150 денари од личност, а на истиот профил може да се види друга слика од кафуле во Охрид каде тамошниот сопственик наплаќа по 30 денари за полнење на телефон во неговиот објект.
На социјалните мрежи беше објавена и слика од тоа како лице наплаќа мостарина за премин преку мостот кај автокампот плажа Градиште во износ од 200 денари, а притоа стои дека никој не дава фискална сметка, ниту некаква потврда дека има право да бара пари за премин преку тој мост.
Во екот на туристичката сезона во Охрид покрај тоа што за да се опуштите со пијачка покрај вода ви е потребен „длабок џеб“, цените за сместување исто така се повисоки за периодот после први август.
Па така, на пример, во некои од вилите кои нудат престој, цената до крајот на јули за ноќевање на две лица се движеше од 1.000 до 1.500 денари, додека од 1 до 15 август со истите услови сместувањето може да ве чини и над 2.000 денари од вечер.
Слична е и ситуацијата во хотелите, каде соба со поглед кон езеро за две лица во периодот по први август со вклучен појадок, зависно од тоа каде престојувате, чини над 5.000 денари.
Приватните сместување исто така во овој период ја зголемија цената по кревет за ноќевање, но и покрај тоа градот е преполн со луѓе.
Токму големиот број на туристи во последните три дена во Охрид доведе до големи депонии со ѓубре по плажите, но и по улиците и кејот од градот.
Охрид наутро исчистен од отпад, навечер ѓубре се фрла насекаде
На страницата „Не биди ѓубре“ можат да се видат премногу фотографии за нехигиената која е забележана во текот на изминатиот викенд, иако имаше и слики од луѓе кои самоволно организираат акција за чистење на ѓубрето кое буквално го „загуши “ градот.
Културолошка иницијатива 5 до 12 – ОхридНемам зборови!!!
Publiée par Irena Ristic sur Vendredi 31 juillet 2020
The post ТУРИСТИЧКО ЛУДИЛО СО АСТРОНОМСКИ ЦЕНИ ВО ОХРИД: Резервација на маса во кафуле само ако потрошите над 3.000 денари appeared first on Слободен печат.
ТУРИСТИЧКО ЛУДИЛО СО АСТРОНОМСКИ ЦЕНИ ВО ОХРИД: Резервација на маса во кафуле само ако потрошите над 3.000 денари was first posted on август 4, 2020 at 1:31 pm.