0.8 C
Скопје
23:25 - 26 ноември, 2024

Старите лица ќе добиваат нега дома на државен трошок

Општините до 30 април треба да ги достават своите предлози за тоа како мислат да ја организираат негата во домот на старите и болни граѓани. Услугата „помош и нега во домот“ е воведена со новиот Закон за социјална заштита од 23 мај 2019 година, а во тек е процесот кој ќе овозможи таа да се спроведе.

Возрасните граѓани на кои им е неопходна грижата може да користат ваква помош 80 часа месечно. Според најавите, за нега на лице на кое му е потребна помош, државата ќе плаќа по 240 денари за еден час, а даватели на услуги се специјализирани компании или граѓански организации.

Реакции од граѓаните

За новото законско решение и за текот на неговото спроведување, минатата недела потсети дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ. Нејзината изјавата предизвика многу коментари на социјалните мрежи. Дел од граѓаните го поздравија предлогот и споделија за нив познати искуства од светот, а дел од нив пак, сметаат дека со два ипол часа дневна нега нема да им се помогне на болните.

Еден наш сограѓанин напиша: „Паметен предлог, ќе има проблеми, ама полека ќе се решаваат“. Тој напиша и дека имал лично искуство со болни родители – неподвижна мајка и татко со деменција и смета дека помошта во домот може да биде од голема корист за лицата што може сами да отидат до ВЦ, и сами да се хранат.

Една наша сограѓанка која живее во Германија го сподели тамошното искуство. Таа вели дека и таму има граѓани кои не сакаат да одат во домови за стари лица и ги користат услугите што се платени од државата. Во Германија по половина час доаѓа жена наутро, на ручек и на вечера, за да го измие болниот, да му даде јадење и да му даде лекови.

Критиките на граѓаните пак се насочени кон вкупниот фонд на часови во текот на месецот што може да се користи, како и во однос на парите што ќе се дадат.

„За овој вид на нега државата ќе дава по 19.200 денари за поединец. Толку се 80 часа по 240 денари. Подобро е овие пари да им се дадат на семејствата за да им обезбедат за истиот износ 24-часа нега на болните“, е еден од коментарите.

Зошто нега во домот?

Истражувањата на Министерството за труд и социјала покажале дека повозрасните лица и лицата кои не можат сами да се грижат за себе е подобро секојдневно да добиваат неколку часа помош и нега во нивниот дом, каде се чувствуваат најпријатно и да продолжат да живеат во својата заедница, отколку да бидат згрижени во институција.

– Во домашни услови полесно се поднесува староста и состојбите предизвикани со болестите доколку за основните потреби добиваат помош и нега од обучени негователи – изјави минатата недела дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ.

Новиот сервис е дел од социјалната реформа на која долг период работеше Министерството за труд и социјална политика. На огласот за изразување интерес за развој на социјални услуги се јавиле 65 општини, од кои 56 пројавиле интерес за услугата помош во домот.

Нема домашна нега за оние што имаат деца што не работат

Во Законот за социјална заштита прецизирано е кој може да користи нега дома.

„Корисници на услугата се: лица со најтешка попреченост, односно комбинирана попреченост со највисок степен, потполно слепи лица, стари лица и други лица на кои им е потребна помош и нега во домот“, пишува во Законот.

Во Законот пишува и дека оваа помош ја добива „лице на кое помошта во домот не можат да ја обезбедат неговиот брачен другар, родителите или децата, поради заснован работен однос, нарушена здравствена состојба и старост“.

Нега на државна сметка не може да користат возрасни изнемоштени лица кое склучило договор за доживотно издржување.

И понатаму постојат пари за нега од друго лице

Во Законот за социјална заштита и понатаму останува можноста граѓаните да аплицираат за помош и нега од друго лице. Оваа мерка останува за оние кои сакаат самостојно да обезбедат нега за болните, или пак овие пари да им се од помош во случај на сместување на старите лица во домови.

Висината на помошта зависи од степенот на болеста и во помал обем изнесува 3.959 денари, а во поголем обем 4.475 денари. Овој износ еднаш годишно ќе се усогласува со порастот на трошоците на живот.

The post Старите лица ќе добиваат нега дома на државен трошок appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....