0.8 C
Скопје
10:03 - 19 декември, 2024

Прилепчанец обвинува дека не му го згрижиле детето на Неврохирургија, директорот Рендевски демантира

Александар Конески од Прилеп, татко на шестгодишно дете кое со упат било препратено на скопската Клиника за неврохирургија, на Фејсбук се пожали од начинот на кој бил третиран неговиот син, откако во техот на хоспитализацијата бил потврден позитивен на ковид 19. Но, директорот на Клиниката за неврохирургија, доктор Владимир Рендевски, за ,,Слободен печат” тврди дека детето било неврохируршки згрижено и донесено во болницата само на опсервација, а не за хируршка интервенција.

-Детето е згрижено и лекувањето е направено. И медицински и технички се си е по пропис и за тоа има документација. Се е преземено и за самата дијагноза за која што е примено, и за тоа што во текот на третманот беше дијагностицирано ковид позитивно. Сега гледам дека таткото не е задоволен од тоа како медицинскиот персонал се однесувал со нив. Но, реално нас персоналот ни е редуциран, дел од персоналот е во ротација, другиот дел е на испомош во ,,8 Септември” и не може да очекува на секои 15 минути некој да влегува кај нив во соба. Работиме во многу тешки услови верувајте, таква е цела ситуација во државата. Се е направено за детето, по пропис и по протокол и детето е испишано во добра состојба. Има право да си се пожали човекот, има право и подобар третман да побара, јас го разбирам, сите за мака одат во болница. Детето е опсервирано, вчера е испратено на домашно лекување. Не секоја фрактура се третира оперативно. Детето беше примено само за опсервација. Во текот на хоспитализацијата беше откриено дека е ковид позитивно бидејќи сите пациенти што ги примаме со неврохируршка дијагноза ги тестираме дали се позитивни. Дури и не го испративме детето во 8 Септември во ковид центарот, туку го дозадржавме кај нас на опсервација и немаше никакви компликации и беше пуштено дома. Ние се бориме да го зачуваме персоналот и работиме според протоколи. Гледам се жалел дека не можел да излегува од соба. Нормално дека не може да излегува од соба. Кај да излегува кога детето е ковид позитивно а се чекал резултат за него? Ние не можевме да ги испратиме за Прилеп а да не биде во итна медицинска помош, кога знаевме дека има потврден ковид резултат детето. Таткото е негативен, но детето е позитивно. Пријавено е веднаш во епидемиолошките служби. Дури и транспортот ќе го платиме на трошок на клиниката, ни рече доктор Рендевски.

Директорот на Клиниката за неврохирургија, доктор Владимир Рендевски

Тој до нашата редакција испрати и доказ дека навистина, Клиниката за неврохирургија ќе ги сноси трошоците за транспортот на релација Скопје Прилеп, фактура која клиниката официјално ја побарала од Здравствен дом Прилеп за да ја реализира.

Иако родителот веќе ја платил фактурата, парите ќе му бидат рефундирани.

,,Кратко пред да го испратиме барањето до Здравствен дом Прилеп, не известија дека тој ја платил фактурата, но по добивањето на мејлот го известиле дека нашата клиника ќе го плати транспортот и парите ќе му бидат рефундирани. Во секој случај реакцијата не беше соодветна и покрај нашата добра намера”, посочува доктор Рендевски.

Докторот тврди дека е можно некој од персоналот да изреагирал понервозно во одредена ситуација, но дека тоа е резултат на постојаниот стрес и притисок под кој работат. Тој негира дека докторите одбегнувале да влегуваат во болничката соба на пациентите затоа што детето било потврдено со ковид, како што обвинува таткото.

Таткото пак, на Фејсбук го сподели неговото видување за настанот, кое е дијаметрално спротивно на тврдењата на директорот. Тој тврдеше дека неговиот шестгодишен син со набиеници на едната надлактица и мало внатрешно крварење од фрактура на черепот било препратено на одделот за неврохирургија во Скопје. Таму било дијагностицирано како ковид позитивно. Таткото се жали дека откако забележал голем оток на слепоочницата детето било лекувано со половина аналгин.

,, Другиот ден се појави доктор на врата кој со душа го чекав за да слушнам мислење, кога ќе се прават нови испитувања до каде е внатрешното крварење. Наместо тоа добив ,,седете тука детето е позитивно”. На детето на секои два часа му беше тешко, имаше вртоглавица и повраќаше или имаше нагон за повраќање, ама никој не влегуваше во нашата соба оти ние бевме бележани. Истиот ден дојдоа маж и жена во скафандери и уште невлезени ни рекоа ајде зини да ти земеме брис за коронавирусот”, тврди таткото во својот пост на Фејсбук кој стана широкосподелуван.

Според тврдењата на таткото, последниот ден, заменик директорот на Клиниката за неврохирургија им кажал дека возило ќе ги земе за да бидат испишани од клиниката.

,,После краток разговор дека детето не е прегледано, дека не е лекувано итн, ме убедуваше дека е супер, дека снимки не се потребни и сфатив дека тие сакаат само да си заминеме од таму. Побараа да платам за услугата и откако платив, без да ме прашаат повикале брза помош од Прилеп да не земе и лажно кажале дека јас сум ги повикал, така што кога стигнавме во Прилеп требаше и за превозот да платам. Ни дадоа и отпусна листа на која пишува дека не примил, лекувал и отпуштил доктор Роберт Шумковски и јас искрено му благодарам за неговото несебично залагање во случајот за нашето дете, ама ми е криво што не го запознав”, иронично додава револтираниот прилепчанец.

The post Прилепчанец обвинува дека не му го згрижиле детето на Неврохирургија, директорот Рендевски демантира appeared first on Слободен печат.


Прилепчанец обвинува дека не му го згрижиле детето на Неврохирургија, директорот Рендевски демантира was first posted on јуни 16, 2020 at 4:29 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....