6.8 C
Скопје
09:59 - 22 ноември, 2024

Ќе се гласа под строг здравствен режим што сѐ уште не се подготвува

Никој сѐ уште не знае прецизно како ќе се одвива гласањето ако предвремените парламентарни избори се одржат во јуни и кои мерки ќе бидат преземени за да се заштитат гласачите од коронавирусот. Политичарите се категорични дека одлуката кога ќе се гласа, зависи исклучиво од стручните лица во Комисијата за заштита од заразни болести, а во СДСМ бараат изборите да бидат следниот месец, пред евентуалниот втор бран на коронавирусот наесен.

Според министерот за здравство Венко Филипче, датумот за избори ќе се одреди откако Комисијата за заштита од заразни болести ќе најави дека гласањето нема да го загрози здравјето на граѓаните.

– Кога и да се одржат изборите, ќе мора да се спроведат по строг протокол за заштита на здравјето. Комисијата за заразни болести ќе го изработи протоколот, затоа што нема да дозволиме што било да го загрози успешното менаџирање на оваа здравствена криза – рече Филипче.
Темата за изборите се врати во фокусот откако почна да опаѓа бројот на новозаразени лица од коронавирусот и претседателот Стево Пендаровски најави дека најверојатно нема да донесе трета одлука за вонредната состојба во траење од 30 дена. Втората одлука на претседателот истекува на 16 мај.
Извори во Комисијата за заразни болести, која е советодавно тело, велат дека тие засега не размислуваат за изборите, туку се фокусирани на борбата со коронавирусот, а за датумот кога ќе се одржат изборите ќе одлучи државата, а не тие.

– Ние не одлучуваме кога ќе се одржат изборите, туку државата и засега сме фокусирани исклучиво на борбата со ковид-19 – вели член на комисијата.

Во Државната изборна комисија велат дека никој не ги контактирал за да им даде насоки околу гласањето во услови на пандемија, ниту ги консултирал какви мерки за заштита би предложиле тие ако изборите се одржат во јуни.

– Ние не сме моќни да ги организираме изборите во јуни во услови на здравствена криза, немаме толку ресурси. За такви избори ни се потребни многу повеќе луѓе и пари отколку што имаме на располагање во нормални услови. На 15 април имаше избори во Јужна Кореја, среде епидемијата. Јужна Кореја е многу богата и многу организирана држава и на тамошната државна изборна комисија ѝ требаа 50 дена да го организира гласањето и беа ангажирани двојно повеќе луѓе – вели претседателот на ДИК Оливер Дерковски за „Слободен печат“.

Иако сѐ уште нема протокол за изборите во здравствена криза, може да се насети какви ќе бидат условите при гласањето. Гласачите ќе мора да ја одржуваат препорачаната дистанца од два метра пред гласачкото место додека чекаат на ред за гласање, а во просториите ќе влегуваат еден по еден. Носењето на заштитната опрема како маски и ракавици најверојатно ќе биде задолжително, а граѓаните ќе мора да ги вадат за да им биде ставен спреј на прстот и да им се изврши идентификација. Гласачките места веројатно ќе треба да се дезинфицираат.

– Сето тоа ќе одземе многу време и ќе го забави гласањето. Ние како ДИК секако ќе ги почитуваме одлуките што ќе бидат донесени – вели Дерковски.

Се наметнуваат и прашањата како ќе гласаат затворениците и старите и изнемоштените лица, на колкаво растојание ќе седат членовите на избирачките одбори и како по гласањето рачно ќе ги пребројуваат гласовите и истовремено ќе одржуваат дистанца. Се дискутира и за можноста за електронско гласање, но за тоа е потребна измена на Изборниот законик.

Дерковски апелира при носењето на одлуката за датум за избори на претстојната лидерска средба кај претседателот, дискутантите да се осврнат на одредбите од Изборниот законик, за да се испочитуваат.

– Ние не можеме да делуваме од политички мотиви и да исполнуваме политички желби, туку како Комисија имаме надлежност да организираме избори според законот. Да размислат, кога ќе ја носат одлуката, што значи тоа. Треба да се утврди ден за гласањето, а потоа да се пресметуваат изборните рокови. Секоја импровизација може да доведе до делегитимизација на изборниот процес и да отвори  простор некој да го оспорува изборниот резултат – предупредува Дерковски.

The post Ќе се гласа под строг здравствен режим што сѐ уште не се подготвува appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....