0.8 C
Скопје
06:34 - 22 ноември, 2024

Избрзан демант на веста за оставките

Лажната вест за тоа дека министерот Чулев, а и другите негови опозициски колеги во оваа техничка предизборна влада, се подготвуваат да си поднесат оставка, се прошири вчера во доцните попладневни часови како шумски пожар во австралиска нискостеблеста пустина! Оставките, наводно, веќе биле напишани, само се чекал следниот погоден ден тие и да се објават.

Брзата реакција на ВМРО-ДПМНЕ за кратко време ја расчисти лажната криза на повидок: „Власта нема да ја има таа среќа нашите кадри да ја напуштат владата“, остро демантираше опозицијата, обвинувајќи го СДСМ за продуцирање фејк-шпекулации.

А којзнае дали таа идеја Чулев и колегите да се повлечат од оваа техничка влада е така лоша?

Факт е дека „пржинскиов“ модел за предизборна контрола на извршната власт се претвори во непријатна пародија на потребата меѓусебната недоверба меѓу власта и опозицијата да се „балансира“ со физичко и политичко присуство на претставници на опозицијата во неколку изборно „критични“ министерства. Во практика, меѓусебното надгледување во спроведувањето на функциите на овие министерства 100 дена пред изборите се претвори во платформа за меѓусебни обвинувања во кои трката е единствено кој ќе произведе повеќе негативни вести за другиот, по целиот азбучен ред на навреди и клевети. Потоа зад таквите „вести“ застануваат заглушувачките пропаганди на партиите, за непријатниот секојдневен впечаток да е комплетен.

Кога на тоа ќе го додадете и квалитетот на самите кадровски решенија – а сегашниве од опозицијата, објективно, не можат да импресионираат никого – целата замисла и нејзиното оперативно спроведување наликува на целосно политичко и функционално фијаско. Ниту таму нешто важно предизборно се контролира, ниту, пак, техничките министри можат да направат важни предизборни услуги за опозицијата кои би се протегале повеќе од нивната пропагандна улога.

Само меѓусебно се нервираат, а на сите ни одат на нерви.

Во такви околности, аферата со неславниот, прерано „починат“ министерски мандат на г-ѓа Мизрахи во неодбранливите околности на нејзиното безрезервно кршење на Уставот и законите, на опозицијата можеби ѝ понуди потенцијален наратив за квази-протестно напуштање на предизборниот владин „квазимодо“ на начин што може да им го поткрепи пропагандниот статус на политички прогонети „дисиденти“ и жртви на „корумпираниот диктаторски криминален режим на Заев“… Се добива впечаток дека има околу тоа пропаганден потенцијал за барем неколку недели предизборно тролање на патриотизам и хероизам, наспроти безочниот, предавнички, лажен морал на власта на Заев.

Вака, Чулев и колегите остануваат на ветрометината на своите технички функции, под партиски притисок да бараат влакна во предизборната чорба на власта и да смислуваат прикаски дека, на пример, околу набавката на 3.000 пара полициски чизми, Оливер Спасовски – можеби, не е сигурно, ама мора под итно да се истражи – ја утнал дебелината на ѓонот за 0,5 милиметри по цена за метар квадратен, или така нешто…

Башка што и самиот министер Чулев не делува пресреќен што си го расипа разузнавачкиот раат за да се истопори на сегашнава техничка функција. Изборите ќе дојдат и ќе поминат, некои глупости долго ќе се паметат, а уште најголемите и не се направени.

Затоа и си помислив дека претераната вест за нивните оставки претставниците на опозицијата можеби пребрзо ја демантираа. Освен ако некој не се уплашил лажната вест на техничките министри толку да не им се уарни, па наместо како „психолошка војна“ да не ја доживеат како „психолошка терапија“!

Ништо, одиме понатаму, избори се ближат, лажни вести се нижат…

The post Избрзан демант на веста за оставките appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....