Босанскиот пејач Фуад Бацковиќ Дин, кој со години живее во Соединетите Американски Држави, во интервју за „Азра“ искрено зборуваше за својот живот далеку од очите на регионалната јавност, откривајќи дека денес води мирен и исполнет живот во Лос Анџелес.
Тој вели дека поимот „американски сон“ е различен за секого и дека за него најважно е да биде опкружен со луѓе кои го прифаќаат таков каков што е.
„Зависи кому што му претставува американскиот сон. Кога го сакаш тоа што го работиш и кога си опкружен со луѓе кои те гледаат онаков каков што си, тогаш сонот престанува да биде слика и станува реален живот. Живеам убав, мирен и сосема нормален живот, далеку од јавната бучава, и тоа во овој момент ми одговара. Американскиот сон е релативен поим, исто како и успехот. Секој го доживува на свој начин“, изјави Дин.
Пејачот нагласи дека, иако живее во Америка, Сараево и понатаму има посебно место во неговото срце.
„Сараево секогаш е дел од мене, без разлика каде живеам. Тој период ја носеше енергијата на младоста, слободата и едно посебно време. Бев доволно храбар да бидам и да останам автентичен и доследен на себе. Денес џет-сетот за мене повеќе не е прашање каде одиш, туку со кого го делиш животот“, рече тој.
Дин зборуваше и за својот партнер, Вил Фирсон Трети, истакнувајќи дека неговата поддршка е најважниот столб во секојдневието.
„Поддршката од партнерот не е додаток во животот, таа е темел. Тоа е сигурно место каде што не мора да бидете силни, успешни или совршени. Само свои. Во свет кој постојано бара докажување, партнерот е оној што ве сака и кога немате ништо да докажувате“, изјави Дин за „Азра“.
