Аница Лазиќ, актерката и сопруга на Лазар Ристовски, се огласи на социјалните мрежи само две недели по нивната интимна венчавка. Таа отворено зборуваше за заморот од медиумското внимание, социјалните мрежи и постојаните коментари за нејзиниот приватен живот.
„Чувствувам презаситеност од сè. Од социјалните мрежи, новинарските написи, советите, изјавите, глупавите и површни теми. Сè стана толку гласно, а мене сè повеќе ми значи она што е тивко и вистинско. Среќна сум што ми е доволно да знам која сум, без потреба тоа некому да му го објаснувам. И среќна сум што секогаш, ама навистина секогаш, среќата ги следи храбрите“, порача Аница.
Аница и Лазар на 3 септември објавија дека официјално стапиле во брак, нешто повеќе од три години откако во јавноста се дозна за нивната врска. Тие често се тема во медиумите поради разликата од 39 години меѓу нив.
Аница претходно откри дека се запознале во Белград и дека веднаш почувствувале блискост.
„Лазар и јас се запознавме без никаков посредник, единствениот посредник тука беше Бог. Се погледнавме неколку секунди, а потоа се прегрнавме. По таа прегратка седнавме и разговаравме со часови“, раскажала таа.
Таа призна и дека ѝ било тешко да се справи со огромното внимание откако нивната врска станала јавна.
„Доживеав интернет-насилство. Имав помош од психотерапевт, а Лазар ми беше голема поддршка. Во тие моменти се прашував како им е на некои деца“, изјавила Аница.
И покрај бројните коментари за нивната разлика во годините, актерката вели дека двајцата не ја чувствуваат во секојдневието.
„Првите два или три дена ми беше предизвик да поднесам толкава количина притисок. Сега веќе и не гледам, искрено, бидејќи најмногу се пишува за разликата во годините, а Лазар и јас тоа воопшто не го чувствуваме.“
Таа дури и на шега објаснила кога ја забележуваат разликата.
„Има еден момент кога се чувствува разликата во годините, а тоа е кога јадеме палачинки. Јас јадам со крем, а тој со џем и ореви. Тогаш ја чувствуваме, и тоа е тоа.“
Во последната објава Аница повторно порача дека повеќе ѝ значат мирот и приватноста отколку вниманието што го носи јавниот живот.
