Сава Грачанин, сопругата на поп-пејачот Влатко Лозаноски-Лозано, сподели фотографија со нивниот син Марко, кој на 18 октомври го прослави вториот роденден.
До фотографијата што ја објави на својот фејсбук-профил, таа напиша „Љубов моја“.
Лозано и Сава, кои не го експонираат многу својот приватен живот, станаа родители во октомври 2024 година. Пејачот во повеќе наврати зборуваше за тоа колку татковството го променило и колку му значи времето поминато со синот.
„Марко ме промени повеќе отколку што можев да замислам. Ми ги смени приоритетите, ме направи поприсутен во моментот и ми даде поинакво чувство за одговорност и смисла. Со него научив дека вистинската сила е во тивките секојдневни моменти, а не само во големите сцени“, изјави Лозано во интервју за „Слободен печат“.
Пејачот тогаш откри дека, и покрај бројните настапи и патувања, се труди секој слободен момент да го помине со семејството.
Сава Грачанин е поранешна манекенка и ќерка на познатиот музичар Тони Грачанин, кој почина во 2015 година. Таа годинава беше дел од „Фолк-фест Валандово“, каде што ја додели наградата за најдобра музика, која го носи името на нејзиниот покоен татко.
За време на фестивалот, Сава откри дека Марко веќе покажува љубов кон музиката.
„Марко е премузикален. Влече гени од двете страни, но премногу е мал и рано е да се каже. Засега е многу свртен кон музиката, игра и пее“, рече Сава.
На прашањето дали најмногу се гордее со тоа што е ќерка на Тони Грачанин, сопруга на Лозано или мајка на Марко, таа без двоумење одговори: „Мајка на Марко. Дефинитивно мајка на Марко“.
Љубовната приказна на Лозано и Сава трае со години. Двојката беше свршена во 2016 година, по долга врска, но подоцна ја раскина свршувачката. По извесен период повторно се зближија, а денес го градат својот семеен живот со синот Марко.
