Пилатес ги истражувал границите на човечкото тело, а целта му била со вежби да го подобри држењето и да го зајакне телото.
Тешко е да се замисли дека човекот кој инспирирал милиони луѓе да ја следат неговата филозофија, некогаш бил астматично и рахитично момче, кое честопати го тепале на училиште.
Сепак, токму тешкото детство му го одредило животниот пат на Jозеф Х. Пилатес, фитнес гуру, кој осмислил еден од најпопуларните методи за вежбање во светот.
https://www.instagram.com/p/BEjG3mSCmJZ/
Син на татко гимнастичар со грчко потекло и мајка Германка која се занимавала со природен начин на лекување, Пилатес отсекогаш бил заинтересиран за своето тело, односно за границите на силата и флексибилноста што може да ги надмине.
Неговиот метод на вежбање комбинира различни дисциплини, како гимнастика и јога, но директна инспирација имал од светот на животните.
– Методот го нарекол „контрола“, затоа што целта била умот да го контролира телото и да ја усогласи неговата сила со флексибилноста“, раскажала Мери Боуен, балерина и една од ученичките на Пилатес, во интервју за Би-би-си во 2018 година.
Таа се присетила на денот кога за првпат влегла во студиото на својот германски учител и неговата сопруга Клара во Њујорк, во доцните педесетти години.
„Тој ги проучуваше движењата на бебињата и на мачките, кои ги сметаше за најсовршени суштества на светот и дошол до заклучок дека мачката може да направи сè подобро од нас“.
„Мачката не ги користи сите делови од телото цело време, таа заштедува, наизменично се одмора и се движи, и навистина ми требаше таа вештина во тој момент“, рекла Боуен.
Интерниран иноватор
Пред да дојде во Њујорк, Пилатес живеел во Англија, каде што се преселил пред Првата светска војна и работел како боксер и циркуски изведувач.
По избувнувањето на конфликтите, како германски државјанин, бил интерниран на островот Ман, каде што го развил својот систем за вежбање.
Работел таму во болницата три и пол години, а во исто време одржувал вежби со кои ги научил практикантите како да ја подобрат својата физичка подготвеност со комбинирање на движења и дишење.
Таму, со помош на жици и федери од душекот, Пилатес направил справа за вежбање што им овозможувала на пациентите да вежбаат без да го напуштат креветот.
Сфатил дека отпорот создаден од жиците може да се користи за ограничување на опсегот на движење за време на вежбите.
По завршувањето на војната, се преселил во Соединетите Американски Држави, каде што ја запознал Клара, со која се оженил.
Отворил студио за „контрологија“, со што привлекол танчери и акробати. Објавил и книга, но неговиот систем на вежби станал популарен дури откако починал во 1967 година.
Наследство
„Тој никогаш не се збогати со оваа работа, не знаеше како да се рекламира“, рекла Боуен.
„Го напушти овој свет лут, затоа што не ја постигна својата цел, а тоа е она што го имаме денес – дека овој начин на вежбање е препознаен низ целиот свет“.
https://www.instagram.com/p/BNzMvEwgOws/
Што е пилатес?
Начин на вежбање кој ви овозможува да ја развивате јачината на внатрешните мускули на телото, а со тоа да го подобрите држењето на телото и флексибилноста. Ова се постигнува преку серија вежби со кои се истегнува телото или се користи отпор за зајакнување на мускулите.
Системот напредувал со користење на машините кои ги осмислил Пилатес (реформер, буре, столица или трапез), но пилатес може да се практикува само на простирка на подот.
Пилатес посебно им се препорачува на луѓето кои имаат проблеми како последица од некои повреди или поради превентива.