11.8 C
Скопје
18:34 - 25 април, 2024

Интервју со македонскиот амбасадор на бисерите и конзул на Србија во Охрид, Михајло Филев: Со „Отворен Балкан“ ќе направиме економски бум, балкански Бенелукс    

Перспективата, вели младиот дипломат Филев, ја гледам во проектот „Отворен Балкан“, бидејќи потенцијалот на сите членки што не сме во ЕУ, а сме аспиранти со заедничка соработка на сите полиња, ќе го преточиме во успешен економски бум во сите сфери. Тоа, според Филев, ќе биде новиот балкански Бенелукс, кој подоцна со сите завршени реформи и висок економски раст ќе се интегрира, подготвен со завршени поглавја од условите за влез во Европската Унија.

Фото-приватна архива

Република Србија неодамна донесе одлука да отвори конзулат во Охрид, а честа да биде конзул му ја укажа на младиот и амбициозен дипломат и бизнисмен Михајло Филев, заслужен за ширење на македонските културни вредности, кој е познат и признат низ светот како изработувач на уникатен накит, наследник на семејството Филеви, сопственици на брендот „Охридски бисер“. Филев, освен со досегашната титула добиена од македонските граѓани како амбасадор на македонските традиционални вредности, се закити и со нова, па сега го викаат „Мишо, нашиот бисерен конзул“. Љубовта кон занаетот почнал да ја покажува уште во својата рана младост, додека ги гледал своите најблиски како го прават охридскиот бисер, а првиот ѓердан со свои раце го изработил на 17 години, со помош на својата баба Славјанка Филева. Сега, како почесен конзул на Србија, дипломатот Филев порачува да ги отвориме границите за сите видови соработка и да градиме заедничка иднина на Балканот за идните генерации, бидејќи само така може да се надминат сите предизвици со кои се соочуваме.

Господине Филев, неодамна Србија Ве именува за почесен конзул во Охрид, функција што, пред сè, треба да ги засили добрите пријателски односи, културната, но и стопанската соработка меѓу двете земји. Кој е Вашиот прв чекор на овој план штом ќе ја преземете почесната палка?

– Голема чест претставува моето именување за почесен конзул на Република Србија во РСМ, поточно на Охрид и на Охридскиот регион. Тоа не е само за мене, лично признание, туку за целиот регион, за нашиот природен, културен и целокупниот потенцијал што го поседуваме. За мене оваа функција претставува, пред сè, голема љубов и огромна одговорност во остварување на нашите цели и проекти, кои ќе бидат наменети на зацврстување на секако потврдените низ векови и дела братски односи на српскиот и на македонскиот народ, спојување на нашите културни заеднички вредности преку многу економски односи, унапредување на сите стопански и трговски гранки на сите полиња.

Во Вашиот конзулски округ е предвидено да бидат опфатени повеќе општини. Кои се очекувањата во економскиот дел од соработката, со оглед на тоа што во мандатот на почесниот конзул фокус е и проширувањето на трговските врски меѓу двата народа, освен помагање и заштита на граѓаните од земјата на конзулот?

– Почесниот конзул на Охрид и на Охридскиот регион ги опфаќа општините Охрид, Струга, Дебар, Кичево, Дебрца, Центар Жупа и Вевчани. Целта ќе биде сите капацитети на овој регион, заедно со градоначалниците на овие општини, сите граѓани со најубави идеи, заедно да изработиме низа проекти од општествено економско значење на граѓаните и во соработка на владите на РСМ и на Република Србија ќе изнајдеме начини да ги реализираме.

Господине Филев, наследивте уникатен семеен бизнис, во Охрид со право велат: еве го нашиот амбасадор… Сјајот на охридскиот бисер блесна силно и низ светот, стана препознатливо македонско обележје. Колку години трае оваа традиција во Вашето семејство?

– Мојата траекторија од академскиот пат се движи и почнува со завршување на Факултетот за туризам и магистериум. Подоцна открив дека имам способности и амбиции во дипломатијата. Го завршив на ФОН Факултетот за дипломатија и магистериум како магистер по дипломатија, но сè започна со нашата семејна традиција, бидејќи јас сум четврта генерација изработувач на најпознатиот македонски и охридски бренд – охридски бисер и филигран од семејството Филеви – 1928. Тоа е најголемиот културен амбасадор на Македонија, кој преку производот стигнал насекаде низ светот и ни направил огромна промоција на сите наши културно-историски препознатливи вредности.

Филев со принцезата Јелисавета Караѓорѓевиќ, фото – приватна архива

Охридскиот бисер велат се изработува рачно, од седеф што се отстранува од крлушките на посебен вид риби што живеат само во Охридското Езеро. Кој од семејството Филеви имаше касмет да ја спознае тајната, односно мајсторијата на охридскиот бисер?

– Охридскиот бисер е единствен природен тип бисер што се изработува само во Охрид и се разликува од сите, бидејќи занаетот е тајна што доаѓа од Охридското Езеро од крлушките на ендемскиот вид риба плашица (albidus albornus alborela), затоа и географскиот заштитен назив е охридски, а индустриско интелектуaлната заштита е производот „бисер“, кој е меѓународно институционално заштитен според елаборатот на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Но, секако, пред сè да биде научно докажано за охридскиот бисер, имаме и претходно потврдена историја низ низа архивски запишани факти.

Ги чувате ли преданијата како таа благодат е дојдена кај Филеви? Ако застанете кај чинарот во охридската чаршија, може да се слушнат разни приказни и сведоштва, па и тоа дека Вашиот прадедо имал меана, а ја викале „Велика Србија“.

– Сè почнува во 1917 година во време на Октомвриската револуција во Русија, кога случајно судбината го донела во Охрид рускиот емигрант Јован Субановиќ. Тој доаѓа во Охрид, се запознава со мојот прадедо Никола Филев, кој е сопственик на кафеаната „Велика Србија“ кај стариот чинар, се спријателиле и така во еден миг, кога биле на прошетка со мојот дедо Михајло Филев, по кого сум и јас крстен, ги здогледал рибите уловени во кошеви покрај езерото и така сфатил дека Охридското и Бајкалското Езеро се слични во флората и фауната и по геолошкото настанување. Односно, тој бил мајсторот што ја знаел таа тајна за изработка на емулзијата и така пробал да ја направи, тоа било успешно, па така, во знак на благодарност за пријателството, на мојот дедо му ја предал тајната на занаетот за правење бисери. Така започнала 100-годишната традиција на нашиот најпознат бренд.

Фото-приватна архива

Во неофицијалниот дел на самитот „Отворен Балкан“, неколку гостинки беа запознаени и со техниката за изработка на охридскиот бисер. Министерката за култура на Албанија Елва Маргарити, и вицепремиерката и министерка за култура на Србија Маја Гојковиќ беа воодушевени од таа убавина, за која сведочат и многу други познати имиња на принцези, актерки, пејачки, кои се закитија со бисерниот сјај на Вашиот уникатен накит. Се сеќавате ли на имињата на некои од нив?

– Во склоп на самитот „Отворен Балкан“ имав чест и можност како и за многу изминати самити да ја добијам довербата во Музејот на охридскиот бисер да направам презентација на највисоко ниво, според многу уникатни техники и вештини во изработката на занаетот, пред високата делегација предводена од највисоките македонски државни функционери заедно со албанската министерка за култура и со српската министерка. Успеав да ги воодушевам и да ги запознам со уникатноста на нашиот бренд. Потоа следуваше самитот за Преспанскиот мировен договор каде што исто така во најубаво светло срдечно ги пречекав сите делегации, како што е турскиот врховен генерал, потоа министерот за надворешни работи на Хрватска Гордан Грлиќ Радман, грчкиот врховен генерал. Нашата вековна традиција ја бележат многу посети на познати звучни имиња на нашата работилница и многу што добиле накит како подарок, оние што ја посетиле или порачале од нас. Огромен е списокот, се надевам нема да замери некој ако не го спомнам. Еве, ќе кажам прво речиси сите граѓани од сите бранши во Македонија, како наш производ го имаат брендот охридски бисер во каква било форма на накит. Ги поздравувам срдечно, сите тие се наши амбасадори на охридскиот бисер. Од странските посетители може да се каже сите туристи што го посетиле Охрид, се запознале со техниката и понеле како сувенир нешто за спомен во нивните земји и ја ширеле приказната и историјата за охридскиот бисер. Попознати имиња низ историјата се српската кралица Марија, бугарската кралица Јоана Савојска, холандската кралица Јулијана, данската кралица Маргарета Втора, шведската кралица Силвија и кралот Густав, кои лично го посетија нашиот дом. Потоа светскиот тенор Хозе Карерас, светскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ, речиси сите премиери и претседатели во периодот од 1970 до 1988 година од страна на југословенскиот протокол што охридскиот бисер го подаруваше на секој странски државник што доаѓаше во посета на Југославија и секој државник од Југославија што одеше на посета во некоја странска држава. По осамостојувањето на Македонија, бисерниот сјај на еден од најстарите брендови повторно го осветли светот со своите производи и повторно е најпрепознатлив амбасадор на македонска култура, кој сите граѓани и влади повторно им го подаруваат на своите драги пријатели за здравје, среќа, љубов, почит и убаво сеќавање на Македонија.

Отворен Балкан, фото-приватна архива

Македонија им укажа чест на конзули што во земјава се прославија со својот придонес и афирмација во спортот. Кои се Вашите приоритети?

– Македонија и Србија се братски народи со цврсто подадена рака, но тука има проодно место за рацете и на сите други братски народи во заедничкиот проект за светлата иднина на Балканот и за иднината на нашите деца. Перспективата ја гледам во проектот „Отворен Балкан“ бидејќи потенцијалот на сите членки што не сме во ЕУ, а сме аспиранти, со заедничка соработка на сите полиња ќе го преточиме во успешен економски бум во сите сфери. Тоа ќе биде новиот балкански Бенелукс, кој подоцна со сите завршени реформи и висок економски раст, ќе го интегрираме, спремни со завршени поглавја од условите за влез во Европската Унија.

Мисијата на почесниот конзул честопати се врзува, пред сè, со ширењето на културните и традиционалните вредности на земјата што го именува, но во моментов е неизбежно и едно политичко прашање поврзано со европските интеграции на Македонија и бугарското вето. По тој висок и засега непробоен ѕид од бугарска страна, има ли простор за разумно објаснување зошто да се продолжат преговорите?

– Македонија конечно стигна да ја дофати кваката од вратата на ЕУ. Но, клучот е во бугарското вето. Апсолутно овој став околу ова прашање е мое лично мислење. Сметам дека дипломатски, демократски, треба да се преговара и да се постигне договор како што доликува, карактеристично за цивилизираните општества каде што ќе бидат испочитувани сите човекови права и прифатени сите европски вредности и стандарди, бидејќи Македонија и Бугарија се блиски народи, соседи и пријатели. Не треба да се навраќаме во минатото, кое никогаш нема да се врати. Нашите проблеми се денес, а утре треба да градиме заедничка иднина за нашите деца. Затоа, треба сите ние од Балканот да се прегрнеме, да ги отвориме границите за сите видови соработка, само така ќе бидеме сите победници и заедно ќе ги неутрализираме сите предизвици од кои сме затекнати сите ние.

Фото-приватна архива
Фото-приватна архива

 

 

 

 

Слични објави

(Фото) Ана Ивановиќ носи часовник од 500.000 евра! Убавата тенисерка прошета уникатен „Ролекс“

Еспресо

(Фото) Црна позадина, без зборови: Поранешниот сопруг на покојната водителка Бојана Јанковиќ занемен од тага и болка

Еспресо

Сеќавање на Велибор Џаровски-Џаро: „Животот е едно големо зезање“

еспресо

Откриени детали од судењето на Гоца Тржан и Маја Николиќ: Пејачката е подготвена за војна со инфлуенсерката

jasmina.kantardzieva

(Фото) Мина го покажа лицето на синот што го доби со Амиџиќ: Тој е плод на најголемата љубов што сум ја почувствувала во животот

Еспресо

(Видео) Вељко го исполни ветувањето: Расплакана Цеца му шепна емотивни реченици на синот по мечот

Еспресо
Се вчитува....