3.8 C
Скопје
23:05 - 26 декември, 2024

Интервју со д-р Горан Јовиќ, хирург уролог во Клиника „Жан Митрев“: Мажите барем еднаш годишно треба да се јавуваат на уролошки преглед

Доктор Јовиќ е хирург уролог во Клиника „Жан Митрев“ и еден од најголемите специјалисти во доменот на урологијата. Со доктор Јовиќ разговараме отворено за сите табу теми поврзани со машкото здравје кои што произлегуваат од уролошките заболувања, за ризик факторите за заболувањата, за симптомите и за прегледите, кога и како треба да се јавите на лекар. Покрај посветеноста на здравјето на пациентите и едукација за уролошка дисциплина, д-р Јовиќ низ својот пример, возење мотор, свирење усна хармоника и гитара упатува порака за важноста и потребата од хоби за секој човек.

Дали и колку граѓаните се свесни за уролошките проблеми и дали тие се однесуваат само за одредена возраст? Колку се потребни превентивните прегледи?

– Уролошките проблеми и опасности од заболувања се уште се некако занемарени кај луѓето. Граѓаните сѐ уште не се свесни за она што потајно може да се случува во нивниот организам, веројатно не се ни добро информирани или доволно запознаени. Обично се јавуваат на прв преглед само кога имаат некои симптоми или веќе им почнале проблемите. И уролошките заболувања како и се во човечкиот организам, се појавуваат и развиваат некогаш без некои јасни и видливи симптоми. Затоа, секогаш прегледите треба да бидат превентивни, рутински и редовни, без појава на некаков симптом. Советуваме мажите барем еднаш годишно да се јавуваат на уролошки преглед.

Што е простата и каква улога има таа во човековото тело?

– Простатата е клучна жлезда кај мажите која се наоѓа во долниот дел од карлицата, под мочниот меур околу изводниот мочен канал. Простатната жлезда има задача да излачи течност-простатичен сок, кој е медиум во кој опстануваат сперматозоидите кои се создаваат во тестисите. Значи простатната жлезда го прави медиумот за одржување на живот на сперматозоидите.

Кои се првичните симптоми кои што можат да укажат дека постои проблем со простата?

– Првичните симптоми секогаш се неприметливи и доаѓаат ненајавено, особено за ова заболување. Имено поради фактот дека симтомите се појавуваат постепено, пациентите навидум се навикнуваат на нив. Но, како прв симптом на хиперплазија од којшто сѐ започнува е слабеење на млазот односно намалување на притисокот при мокрење, и кога ова се повторува тоа е веќе знак дека треба да се оди на преглед. Потоа се појавува вложување напор кај пациентот за да се измокри, недоволно празнење, зачестеност на мокрење, често ноќно мокрење и понатаму како проградираат овие симптоми, доаѓа до комплетно ослабување на млазот, дури мокрење на капки или неможност за празнење.

Дали зголемената простата води до карцином и кои се факторите за добивање на оваа болест?

– Не секогаш зголемената простата води до карцином. Возможно е простатната жлезда да премине во некое малигно заболување и да започне развој на карцином. Но, тоа нема никаква врска со зголемувањето на простатата (хиперплазијата) туку е поврзано со појава на малигни клетки во самата простатна жлезда. Симптомите кај карциномот на простата и кај бенигна хиперплазија се потполно исти, затоа е потребно секој човек, без оглед на возраста да се јави навреме на преглед, бидејќи карциномот на простата доколку е навремено откриен е 100% излечлив и тоа е многу битно да го знаат пациентите.

Колку исхраната и начинот на живот влијаат за добивање на карциномот на простата?

– Точно е дека имаат влијание, не е клучно, но сепак не треба да се занемарат статистиките кои дури и покажуваат дека исхраната влијае на болеста особено во земји каде се користат, односно се консумираат во голема количина пушени и полусирови пушени производи. Сепак, во последно време ова заболување повеќе се поврзува со зрачењето и загадувањето кои имаат многу поголемо влијание споредено со самата исхрана. А ние живееме токму во таква средина, со висок степен на загадување на воздухот во текот на целата година и затоа овие ризик фактори уште еднаш треба да не потсетат на неопходноста од редовни прегледи.

Како изгледа и од што се состои првиот преглед кај уролог?

– Секој преглед започнува со разговор меѓу докторот и пациентот, барем тоа е императив кај нас во Клиника Жан Митрев. Разговорот е можеби најпотребниот дел затоа што тука се воспоставува врската со пациентот, се развива меѓусебна доверба, при што докторот добива вистински увид во животот, здравствената состојба и можниот здравствен проблем на пациентот. Низ разговор се откриваат симптомите на пациентот, животните навики и рутини. Пред да се започне со физичкиот преглед, секако неминовно е да се направат одредени лабораториски анализи и да се провери простатично специфичниот антиген ПСА. Доколку се покаже како потребно следи ехо дијагностика во која се гледа целиот уринарен систем, прво на полна бешика, а потоа на празна, се мери рест урината, секако доколку ја има рестурината. Понатаму се постапува согласно потребното и неопходното за состојбата на пациентот. Но, редовните контролни прегледи се почеток на сѐ, бидејќи се во насока на спречување на развој на какво и да е заболување.

Каков пристап се користи во Клиника Жан Митрев при решавање на уролошката функционалност и дали кај нас постои естетска урологија?

– Естетската урологија е своевидно чудо во медицината и истото се применува и кај нас во Клиника Жан Митрев. Со следење на најновите трендови во естетската урологија и користењето на најновите помагала, во Клиника Жан Митрев веќе стана рутина поставувањето на тестикуларни и пенилните протези, кои одлично ја решаваат нефункционалноста. Исто така, често кај нас се работи и пенис пластика, односно продолжување онаму каде што е терапевтски потребно и каде постои извесен хендикеп. Мора да разбереме дека естетската урологија се применува со цел подобрување на здравствената функција. Кога станува збор за извесна дисфункција на кој било дел од уролошкиот систем, нема дилема дека треба да се преземат сите потребни мерки. Овде ја вклучувам и пластиката или протезите кои потоа како дел од организмот потребно е да се направи да функционираат беспрекорно.

Каква е статистиката, колку често мажите во Македонија се одлучуваат за ваков преглед?

– Во последните десеттина години во месец ноември мажите секаде во светот симболично во знак на поддршка и подигање на свеста за машкото здравје ги пуштат мустаќите и стануваат дел од светското движење МОВЕМБЕР со кое се солидаризирајќи се и апелирајќи за превентивни прегледи. Движењето МОВЕМБЕР успешно се рашири и во нашата земја, што е за пофалба и мислам дека доста влијае на свесноста за ова заболување, особено кај помладата популација, која веќе влегува во ризична возраст и исто така е едуцирана да ги следи овие текови. Во нашата клиника традиционално во тој период се промовираат превентивни уролошки прегледи по промотивни цени со цел зголемување на свесноста за машката популација да стане поодговорна кон уролошкото здравје. Доброто е што функционира и мажите се јавуваат на првите прегледи и следат календар на редовни контроли. Затоа поддршката на ваквите иницијативи навистина треба да премине во традиција со цел навреме да се третираат симптомите кај мажите и да се чува машкото здравје.

Освен што сте доктор и постојано посветен на пациентите, имате и несекојдневни хоби активности, свирење усна хармоника и возење мотор. Кое ви е поголема страст?

– Може да кажам сѐ што е врзано со адреналин ми причинува задоволство. Обично адреналинот го добивам при возење мотор, но адреналинот го имам и во операциона сала.

Скијањето ми е еден од омилените спортови. Едно време бев и инструктор по скијање. Сакам луѓе, сакам да се дружам, свирам гитара, усна хармоника, но и комбинирано гитара и усна хармоника истовремено. За мене годините се само бројка, духот и доброто расположение се клучни, затоа одбирам хоби активности кои ме релаксираат многу, давајќи ми позитивно чувство и енергија.

Дали дополнителните активности надвор од дневната работна рутина, како хобија, можат да влијаат и како влијаат врз здравјето?

– Секако и недвосмислено. Позитивното влијание врз здравјето доаѓа оттаму што сите активности, што не се поврзани со работните обврски, какви и да се, даваат момент на опуштање, на релаксација. Овие активности ни го хранат духот, ни го облагородуваат животот.

Во ниеден случај не е убаво луѓето да бидат пасивни. Едноставно да се оди дома и да се биде затворен. Секој треба да има некоја цел пред себе и да прави нешто ново, различно кое дополнително фактички го одржува и умствено и физички.

Слични објави

(Фото) „Имам подливи..“: Сопругата на Дарко Лазиќ ги смали усните и го смени личниот опис, еве како изгледа сега

Еспресо

(Фото) Празнична идила во Севиља: Немања Гудељ позира со Анастасија Ражнатовиќ, фудбалерот не може да ја тргне насмевката од лицето

Еспресо

(Видео) Северина ја покажа празничната трпеза, меѓу украсите и еден со ликот на Јосип Броз Тито

Еспресо

Српски медиуми: „Бреговиќ го затегна лицето во Турција, тоа задоволство го чинеше 5.000 евра!“

Еспресо

(Фото) Фатени заедно: Еве каде беа и што правеа Марија Шерифовиќ и Јована Пајиќ

Еспресо

(Видео) Сопругата на Сергеј Трифуновиќ сподели видео од семејната куќа, а тој никогаш не бил поемотивен: „Кукли мои! Многу сте слатки!“

Еспресо
Се вчитува....