Стерули Штерјоски, долгогодишен пријател на Тоше Проески уште од детските денови, со емотивна објава се наврати на 5 октомври – датумот на кој македонската музичка ѕвезда во 2007 година го одржа својот последен концерт на Градскиот стадион во Скопје.
Штерјоски со години е посветен на зачувувањето на споменот за својот прерано починат пријател. Тој редовно споделува спомени за Тоше, го посетува неговото вечно почивалиште во Крушево, а учествува и во активности со кои се одбележуваат неговиот живот и музичко наследство.
Три години се одржуваше концерт во Крушево
Една од иницијативите беше концертот пред Спомен-куќата на Тоше во Крушево, организиран на 5 октомври. Настанот се одржуваше три години по ред, со идеја овој датум да продолжи да се одбележува преку музиката на Проески.
Годинава, сепак, концертот не се одржа. По тој повод, Штерјоски се огласи на социјалните мрежи и го изрази своето разочарување што традицијата не продолжила.
Тој потсети дека првиот ваков концерт бил организиран во 2022 година и дека во реализацијата учествувале Камерниот оркестар, музичарите од бендот на Тоше и познати музички имиња од Македонија и регионот.
„Тоше останува. Неговата песна останува“
„5 октомври… денот кога Тоше го одржа својот последен концерт.
Пред четири години, во 2022, со триста маки, труд и голема љубов, за првпат успеавме еден таков концерт да се одржи во Крушево – пред Спомен-куќата на Тоше.
Камерниот оркестар, целиот негов бенд, прекрасните музичари и големите музички имиња од Македонија и Балканот…
Тоа беше вечер која тешко се опишува со зборови.
Верувавме дека Тоше, од небото, се радуваше што неговиот град пее за него.
Три години по ред создававме нешто што требаше да стане традиција. Нешто што не беше само концерт, туку чување на споменот, ликот и делото на Тоше.
А денес, 5 октомври 2026 година – тишина.
Нема концерт. Нема продолжување на традицијата.
Не ни дозволија да продолжиме со она што го започнавме со толку љубов и мака.
Жал ми е… не затоа што нешто сме изгубиле ние, туку затоа што Крушево и Тоше заслужуваа ова да продолжи.
Ние можеби можеме да бидеме спречени да организираме, но никој не може да ни ја земе љубовта со која го правевме тоа.
Тоше останува. Неговата песна останува. А споменот на тие прекрасни вечери пред неговата Спомен-куќа ќе остане засекогаш.
5 октомври – ден кога срцето уште посилно боли. За Тоше. Засекогаш.“
View this post on Instagram
Тоше Проески трагично го загуби животот на 16 октомври 2007 година, на 26-годишна возраст, само 11 дена по неговиот последен голем концерт во Скопје.
