Инстаграм заедницата од Србија досега поднела илјадници пријави против профилот @karleusastar на Инстаграм.
Откако српската пејачка Јелена Карлеуша овие денови се најде во центарот на вниманието поради нејзините објави на социјалните мрежи во врска со протестите во Србија и Александар Вучиќ, како и заради коментарот упатен кон познатата пејачка Мадона, во кој вулгарно ја нападна откако таа изрази поддршка за студентите во Србија, покрената е петиција за гасење на нејзиниот инстаграм-профил.
Барањето за гасење е упатено до компанијата „Мета“ поради „говор на омраза, расизам, ксенофобија и штетно однесување“, пренесуваат медиумите во регионот.
Изминатите недели неколкупати преку социјалните мрежи беше упатен повик да се пријави инстаграм-профилот на познатата пејачка поради нејзиниот говор на омраза, расизам и таргетирање на поединци во објавите. Сепак, „Мета“ не реагираше, па неформалната група граѓани под името „Еко стража“ реши да поднесе барање.
„Од ‘Мета’ бараме суспензија на инстаграм-профилот на Јелена Карлеуша поради говор на омраза, расизам, ксенофобија, таргетирање на поединци и општо штетно однесување. Ова претставува континуирано кршење на упатствата на Instagram за заедницата, особено во врска со говорот на омраза, вознемирувањето и дезинформациите“, порачаа од „Еко стража“.
Оваа Инстаграм заедница од Србија досега поднела илјадници пријави против профилот @karleusastar, но профилот сè уште е активен и, според групата, „континуирано шири омраза и создава бројни негативни последици“. Целта им е да соберат 250.000 потписи.
Се чини дека луѓето се навистина заинтересирани, судејќи по одзивот. За само осум часа собрале повеќе од 211.000 потписи. Тие додаваат дека контроверзната пејачка ги користи своите профили на социјалните мрежи за политичка пропаганда. Откако почнаа студентските протести во Србија, пејачката речиси секојдневно споделува десетици објави во знак на поддршка за претседателот Вучиќ и отворено ги навредува сите што не се согласуваат со нејзиното мислење.
„Инстаграм-профилот на Карлеуша постојано се користи како платформа за таргетирање на поединци, ширење реторика на омраза и промовирање на пропаганда во корист на српскиот автократ Александар Вучиќ. Нејзините објави содржат ксенофобични и расистички коментари, како и координирано вознемирување на поединци и групи. Овие постапки не само што ги прекршуваат правилата на Инстаграм, туку и придонесуваат за непријателска онлајн средина што поттикнува дополнителни поделби и нетолеранција.
Според сопствените упатства на Инстаграм, говорот на омраза и вознемирувањето се строго забранети. Сепак, и покрај бројните пријави од корисниците, нејзиниот профил останува активен и продолжува да служи како мегафон за екстремизам и политичка манипулација. Дозволувањето на ваквата содржина да опстои ја поткопува посветеноста на Instagram кон безбеден и инклузивен дигитален простор.
Ќе се обидеме да собереме 250.000 потписи пред да се обратиме до компанијата „Мета“, и во тоа ни треба вашата помош“, соопшти неформалната група „Еко стража“.