Македонската инфлуенсерка Викторија Спенџарска, позната на социјалните мрежи како Вики Веган, сподели фотографии од семејното лето поминато во селото Добрево, каде што заедно со сопругот Ѓоко и нивните четири деца се посветиле на одгледување зеленчук и уживање во природата.
Иако семејството живее во Пробиштип, слободното време го користат за престој во нивната градина, каде што изминатите месеци создале бројни спомени.
„Летото кое не стигнав да го споделам… Зошто бевме презафатени живеејќи го“, напиша Викторија на една од фотографиите.
View this post on Instagram
Семејна градина исполнета со зеленчук и детска смеа
На фотографиите што ги објави се гледа како семејството заеднички ја обработува земјата, сади зеленчук и се грижи за растенијата. Во градината одгледувале домати, краставици, зелка и други градинарски култури, а децата активно учествувале во работата.
„Сè почна од ова парче земја…“, напиша Вики покрај фотографијата од почетоците на нивната градина.
Посебно место во семејните спомени имаат моментите поминати со највозрасните членови на семејството, од кои децата имале можност да научат повеќе за обработувањето на земјата и одгледувањето храна.
„Постои колективна мудрост која не може да се најде во денешниве книги, туку ни е предадена од нашите предци“, гласи една од нејзините пораки.
На една од фотографиите се гледаат и четирите деца со повозрасен член на семејството, додека на други заедно садат, ги полеваат растенијата и го собираат зеленчукот.
„Сфативме дека сите учиме за самиот живот“
За Викторија, летото во селото имало многу поголемо значење од одгледувањето сопствена храна. Таа истакна дека преку заедничката работа сакале на децата да им пренесат вредности што ќе ги паметат и кога ќе пораснат.
„Додека ги учевме децата како се сади и расте храната, сфативме дека сите учиме за самиот живот“, напиша таа.
Инфлуенсерката сподели и фотографија од една од своите ќерки во градината, со порака дека природата и децата можат да бидат најголемите учители.
„Еден ден може ќе заборават колку зеленчук одгледавме, но се надевам дека нема да го заборават летово и чувството дека се дел од нешто мноооогу поголемо од нив самите. А се надевам дека ни ти немаш заборавено“, порача Викторија.
Викторија и Ѓоко имаат по две деца од претходните бракови, а нивното семејство го сочинуваат Емона, Ноа, Љубљана и Каја.
Двојката претходно ја одбележа својата венчавка и крштевањето на сите четири деца во ист ден.
