Младата Нина Црнокрак се закити со престижната титула Севкупна победничка на изборот „Мис тинејџерка на галаксијата 2026“, кој деновиве се одржа во Банско, Бугарија.
Уште една потврда дека крушата под круша паѓа стигнува од семејството Црнокрак. Нина веќе чекори по стапките на своите познати родители Светлана и Мики Црнокрак, и покажа дека поседува харизма и грациозност кои го освоија меѓународното жири како и нејзината постара сестра Моника, која веќе има титули на меѓународни натпревари за убавина.

На финалната вечер, Нина блесна во елегантна црна тоалета, надополнета со победничката лента и блескавата круна. Покрај главната титула, таа доби и официјална диплома за „Најдобар модел – Гранд при победник“.
Веста за успехот ја сподели нејзиниот татко, Мики Црнокрак, кој преку социјалните мрежи не го криеше задоволството од новиот успех на неговата ќерка, но и на нивното Модно студио „Црнокрак“.
„Гранд при победник!! Нина Црнокрак е новата Мис тинејџерка на галаксијата 2026“, напиша тој под фотографијата.
