Серијата „Sløborn“ е снимена минатата година додека Европа и остатокот од светот сè уште не беа погодени од пандемијата.
Кога на северот на Кина ќе биде откриена болест од типот на птичји грип, која потекнува од гулаби, луѓето што живеат на идиличниот остров во Северното Море за тоа воопшто не размислуваат.
Но, еден ден, морето исфрла на островот едрилица на која се наоѓале мумифицираните тела на британски пар. Подоцна се покажало дека тие го донеле вирусот со себе.
Звучи како заплет инспириран од ковид-19, но, всушност, „Sløborn“, ТВ-серија во германско-данска копродукција е снимена лани додека Европа и остатокот од светот сè уште не беа погодени од пандемијата, а во Германија се емитувала минатата недела, пишува „Гардијан“.
Исто сценарио
Серијата, чиј наслов во превод значи „Бавно согорување“, но воедно е и името на островот, зборува за тоа како животот на истоимениот измислен остров паѓа во хаос и уништување кога ќе завладее вирусот. На островјаните им се советува да носат маски за лице и да вежбаат физичка дистанца. Се воведуваат правила за карантин, а теориите на заговор изобилуваат извори за избувнувањето на епидемијата.
Творците на серијата ја опишаа како „постапокалиптичен катастрофален трилер преточен во модерен еп“, кој истражува „што се случува со модерните луѓе кога се распаѓа тенкиот лак на нашата цивилизација“.
Емитувањето за малку ќе се откажело откако шефовите на ТВ-куќата ЗДФ изразиле загриженост дека на гледачите можеби ќе им изгледа како премногу реална.
– Прашањето беше дали можеме да бараме од нашата публика серијата да ја гледа токму сега – им рекол писателот и режисер Кристијан Алварт на новинарите пред емитувањето.
Алварт, кој се консултирал со вирусолози и персонал за брза помош, за да открие како Германија се подготвува за смртоносната пандемија, рекол дека бил инспириран од мислата дека катастрофи „главно се случуваат на друго место“ и се прашувал како би било ако нешто такво се случи поблиску до дома.
– Бев зачуден дека постојано во медиумите слушаме за катастрофите во светот, но обично нашиот живот и понатаму се одвива нормално – рекол тој.
Кога Германија заврши во карантин, серијата била во постпродукција.
– Се наежив при помислата на она што го снимавме лани – рекол Алварт.
Ја исмејувале
Германските ТВ критичари ја исмевале серијата што била снимена на крајот на 2019 година на германскиот источнофризиски остров Норденеј и полското крајбрежно одморалиште Сопот.
„Не многу суптилно“, беше пресудата на „Шпигел“ реферирајќи се на прикажување на еден од симптомите на болеста: крвавење од очите.
Други пишувале дека серијата „би можела да се доживее како филм на хорор и катастрофи, доколку во последните неколку месеци немаше постојано потсетување на вистинските вести“.
„Ди Цајт“ ја опишува серијата како „претпазлива серија за коронавирусот, фикциска кулиса на нашата реалност во последните месеци“.
Погледнете го трејлерот за серијата: