Наум Петрески ја нарече Евровизија сатанистичка во отворен разговор во подкастот „Проверитас“.
Музичката легенда Наум Петрески ги сподели своите ставови за состојбите на естрадата, крадењето на авторските песни и насоката во која се движи светската музика, но зборуваше и за пријателството со Андреј од „ДНК“.
Во подкастот, тој гостуваше со младиот пејач Огнен Здравковски.
„Седнавме ваму, таму, лево, десно… се пронајдовме енергетски на иста линија. Со Оги и со Андрејчо бевме постојано заедно. За жал, изгубивме страшни пријатели, страшни луѓе, добри пријатели“, рече Наум.
Пејачот со револт зборуваше за тоа како неговиот труд често се експлоатира без соодветна надокнада и почит кон неговата кариера:
„Ние губиме пари секоја година, иако вложуваме. Јас имам авторски преку 250 песни. Значи, секоја година губиме многу пари од кои треба да ни припаѓаат нам“, рече Наум, мислејќи на тоа дека има песни кои на радио или на ТВ се емитуваат на пријателска основа.
„Па, на мои песни, свесен си колку кавери се направени. Само чекаат да направам песна и веднаш сите се врзуваат и сите ја пеат. И готово, јас како да сум умрен“, рече Наум.
Пејачот беше особено остар во критиката кон модерните музички трендови и Евровизија, сметајќи дека тие повеќе немаат допирна точка со вистинската уметност.
„Светот отиде, веќе тоа не личи ни на Евровизија ни на ништо. Вредностите се сатанистички, како што се гледа. Европските вредности се заминати во многу погрешен правец. Не се гледа музиката, се гледа кој како изгледа, од каде дошол, дали е трансвестит, дали е ваков, дали е онаков. Ѓаволи, рогови, глупости. Нема музика тука, за жал. Јас сум тотално за да не учествуваме. За разлика од овие други фестивали, „Сан Ремо“ си остана тоа што е. Таму се гледа музиката, се гледа интерпретацијата и квалитетот на песната. Тоа е вистински фестивал каде што уметноста е на прво место, а не шоуто и глупостите што ги гледаме на други места“, рече Наум.
