4.8 C
Скопје
21:27 - 15 ноември, 2024

Интервју со доц. д-р Искра Цветковиќ: Заболените од ковид-19 да избегнуваат контакт со своите домашни миленици

Доцент д-р Искра Цветковиќ од Катедрата за микробиологија и имунологија УКИМ-Факултет за ветеринарна медицина – Скопје, за Слободен печат одговори на неколку прашања во врска со коронавирусот.

Од каде ни доаѓа коронавирусот SARS-CoV-2 и кој го предизвикува ковид-19?

– Вирусот SARS-CoV-2 е бетакоронавирус, кој има 96,2 отсто хомологност на нуклеотидното ниво со коронавирусот RaTG13 изолиран од лилјаците од видот Rhinolophusaffinis. Разликата во секвенците на овие два вируса е голема за да се тврди дека вирусот SARS-CoV-2 директно потекнува од оној кај лилјаците.

Оттука, постојат две тези за начинот на кој вирусот се појави кај луѓето.

Едната теза е постоење на меѓудомаќин – најверојатно некое од многуте диви животни што се продавале на пазарите за живи животни во Кина, меѓу кои најчесто е споменуван панголинот. Од панголините исто така се изолирани бетакоронавируси слични на SARS-CoV-2, чија хомологност на делот за врзување на рецепторот е 97,4 отсто.

Втората теза е дека во тек на вирусната еволуција на коронавирусите настанала рекомбинација помеѓу коронавирусот RaTG13 од лилјаците и беаткоронавирусите од панголините во некој друг вид диво животно.

Сепак, еволутивниот пат на вирусот SARS-CoV-2 од лилјаците до човекот, изворот и начинот на кој вирусот влезе во хуманата популација како и потенцијалната улога на животинскиот резервоар, останува дополнително да се истражи.

Како се дијагностицира?

– Постојат повеќе начини за дијагностика во зависност од тоа што е целта на испитувањето, односно дали се докажува причинителот на инфекцијата или имунолошкиот одговор на организмот како резултат на инфекцијата. Исто така, изборот на дијагностичката метода зависи и од контекстот на испитувањето, односно дали треба да се докаже инфекција со причинителот кај одредена единка (човек или животно) или да се испита циркулацијата на вирусот во одредена популација.
Доколку целта на испитувањето е детекција на причинителот, постојат две опции: детекција на нуклеинската киселина (во овој случај РНК) и изолација на вирусот на култура на клетки. Детекцијата на вирусната РНК се изведува со молекуларни методи (полимераза верижна реакција – PCR) во времетраење од неколку часови, со цел докажување на дел од геномот на вирусот. Конкретно, за вирусот SARS-CoV-2 потврдата на геномот се врши во три целни региони (N1, N2 и E ген).

Преку изолацијата на вирусот на култура на клетки се докажува дали во примероците за испитување постои вирус што може да се размножува, а со тоа и да предизвика инфекција. Оваа метода е многу побавна од молекуларните методи и во зависност од видот на вирусот резултатот може да се добие за 3 до 10 дена. Конкретно, за вирусот SARS-CoV-2, изолацијата се прави на Vero континуирани клеточни култури каде што доколку има вирус во примерокот за тестирање се забележува цитопатоген ефект најмалку по 3 дена по инокулацијата.

Доколку целта е детекција на имунолошкиот одговор, се испитува присуство на антитела во крвниот серум, со кои се докажува инфекција на организмот. Притоа, со докажување на различни класи на антитела односно IgM и IgG се докажува моментна инфекција (присуство на IgM антитела) или одмината инфекција (присуство на IgG антитела).

Дали животните може да се инфицираат со вирусот SARS-CoV-2?

– Досега официјално е потврдена инфекција со вирусот SARS-CoV-2 кај миленици (кучиња и мачки) во Кина, САД и во Белгија, кај тигар во зоолошка градина во САД, а последните случаи се потврдени кај фармски одгледувани ласици во Холандија. Кај сите овие случаи инфекцијата е настаната при близок контакт со лице инфицирано со вирусот SARS-CoV-2 (или сомнително за инфекција со SARS-CoV-2 вирусот). Ова укажува на потребата од следење на ширењето на овој вирус и кај животните. Според досегашните прелиминарни истражувања, свињите и живината не се подложни на инфекција со SARS-CoV-2.

Од досегашните испитувања на примероци од мачки на присуство на вирусот SARS-CoV-2 кои се направени на Факултетот за Ветеринарна медицина во Скопје, добиени се негативни резултати односно кај ниту еден примерок не е потврден овој вирус.

Во однос на ковид-19, кои се Вашите препораки до граѓаните што чуваат миленици или други животни?

– Моментното ширење на ковид-19 е по пат на директен контакт помеѓу луѓето. Оттука, до денес не постои доказ дека милениците имаат улога во ширењето на заболувањето на луѓето и во контекст на ковид-19 не треба да се преземаат мерки против милениците што би можеле да ја загрозат нивната благосостојба.

Луѓето што се дијагностицирани со ковид-19, треба да го ограничат контактот со животни, без разлика дали се тоа домашни миленици, фармски животни, зоолошки животни и слично. Генерално, основните биосигурносни мерки за заштита како на луѓето така и на животните во фарми, зоолошки градини, прифатилишта за животни и слично мора да се почитуваат.
Сопствениците на миленици кај кои е дијагностициран вирусот SARS-CoV-2 треба да избегнуваат контакт со своите миленици, кои треба да се чуваат на начин со кој ќе се оневозможи контакт со други животни надвор од живеалиштето. Се препорачува за овие миленици да се грижи друго лице, или доколку тоа не е можно, при грижата за миленикот да се носи заштитна опрема (маска, ракавици).

Имало вируси што се пренесувале од животно на човек, кои се тие и колку е важен концептот на „Едно здравје“?

– Постојат голем број зоонозни вирусни заболувања кои се пренесуваат од животните на луѓето какви што се беснило, авијарна инфлуенца, западнонилска треска, САРС, МЕРС, треска на долината Рифт, инфекција со хантавирус, хендравирус, нипахвирус, кримска-конгохеморагична треска и многу други.

Концептот на „Едно здравје“ е важен од аспект на интегриран пристап и заедничка активност во борбата со зоонозите, бидејќи постојат многу фактори кои со текот на времето ја менуваат интеракцијата меѓу човекот, животните и животната средина. Човечката популација е во постојан пораст, така што луѓето со своите активности доаѓаат во близок контакт со животните (интернационална трговија, интензивно фармско производство, нарушување на природните живеалишта на животните и сл.), со што се зголемува и можноста за пренесување на болестите меѓу животните, како и меѓу животните и луѓето. Оттука, заедничкиот пристап на експертите од хуманата и ветеринарната медицина, како и експертите за животна средина и екологија осигурува едно сеопфатно решение во смисла на превенција, рано откривање како и контрола и искоренување на заболувањата.

Во лабораторијата при Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје што точно се работи, каков е еден Ваш работен ден?

– Во лабораториите на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје во делот на анималното здравје секојдневно се врши дијагностика на разни инфективни заболувања кај животните од вирусна, бактериска, габична и од паразитна етиологија. Дијапазонот на работа е прилично широк – од дијагностика на беснило кај дивите животни, преку дијагностика на бруцелоза и туберкулоза кај домашните животни до детекција на антимикробна резистенција кај бактерии изолирани од животните и други дијагностички постапки.

Покрај многуте секојдневни предизвици за заштита на животинското и човековото здравје, кадарот на Факултетот во овој период учествува и во дијагностика на вирусот SARS-CoV-2 на човечки примероци, со цел за зајакнување на капацитетите на државата за дијагностика на ковид-19.

Кој би им бил предизвикот на идните академски граѓани да студираат на Факултетот?

– Ветеринарната медицина е широка област, во која идните студенти и доктори по ветеринарна медицина може да ја остварат својата професионална определба како „мала практика“ односно работа со миленици, „голема практика“ односно работа со фармски животни, квалитет и безбедност на храна, работа во Националната ветеринарна служба, дијагностички институти и лаборатории и друго. Да се биде доктор по ветеринарна медицина значи да се грижите за здравјето и благосостојбата на животните, а преку концептот за едно здравје и за здравјето на луѓето и човештвото. На Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, идните студенти ќе се здобијат со квалитетни знаења и вештини, за што секако главен придонес има кадарот на Факултетот, кој покрај наставната дејност интензивно работи и на стручно-применувачко и научно-истражувачко поле и своите искуства од овие активности редовно ги пренесува на студентите. Во дел од овие активности, студентите се и директно вклучени, при што покрај теоретското знаење, тие се стекнуваат и со практични знаења и вештини, со што дополнително се зголемува и квалитетот на наставниот процес.

Слични објави

Совети од Клиника „Жан Митрев“: Редовните контроли се клучни за превенција од рак на простата

Еспресо

Пет причини зошто да ја одберете Европска очна болница: Персонализирани третмани и иновативни решенија за оптимален вид

Еспресо

Татјана Пецакова, дипл. медицинска сестра, болница „Санте Плус“: Есента и новороденчињата

Еспресо

Проф. д-р Катица Пиперкова, болница „Санте Плус“: Жолтица кај новороденчиња

еспресо

Интервју со д-р Славјанка Станоевска Стојковски, болница „Санте Плус“: Водење на нормална бременост

еспресо

Новости од Клиника „Жан Митрев“: Учество на интернационална конференција за хирургија на рака

еспресо
Се вчитува....