Македонската пејачка Кристина Арнаудова ја прослави домашната слава Света Петка во топла атмосфера, опкружена со семејството и блиските пријатели. Меѓу гостите беа и актерот Сашко Коцев и неговата сопруга, кои заедно со останатите присутни уживаа во празничната трпеза.
Кристина сподели фотографија од прославата на својата инстаграм-приказна, на која се гледа веселото друштво собрано околу трпезата.
„Најубавиот ден во нашиот дом. Слава“, напиша пејачката, додавајќи срца и емотикон со склопени раце.

Арнаудова никогаш не криела дека семејството и традицијата имаат посебно место во нејзиниот живот. Во интервју за „Слободен печат“, таа зборуваше токму за празниците и за значењето на домашната слава, која е еден од најважните денови во нивниот дом.
„Велигден и Божиќ се празниците на кои најмногу се радуваме, заедно со нашата куќна слава Петковден. Тоа се денови што го поврзуваат семејството и нѐ потсетуваат колку треба да сме благодарни за сѐ што имаме и дека она што го имаме треба да го делиме со оние што имаат помалку“, изјави Кристина.
Пејачката е во брак со поранешниот ракометар Александар Петровски од 2006 година, со кого ги има синовите Максим и Матео. Во повеќе наврати истакнала дека семејството секогаш ѝ било на прво место, дури и во периодите кога тоа значело музичката кариера да ја стави во втор план.
Покрај музиката, Кристина долги години е посветена на хуманитарната работа преку здружението „Проект Среќа“, со кое им помага на деца и семејства во социјален ризик.
