Поп-пејачката Тамара Тодевска испрати силна порака до жените преку социјалните мрежи, инспирирана од нејзиниот албум „Кукла жива“. Пејачката сподели црно-бела фотографија со текст посветен на сите жени кои не се плашат да бидат свои, да го кажат своето мислење и да живеат според сопствените правила.
„За сите жени што некогаш биле наречени премногу. Премногу гласни, премногу горди, премногу свои. За жените што не се вклопуваат во туѓите очекувања и не се плашат да бидат тоа што се.
Затоа што жената не е кукла што треба да ја обликуваат другите. Таа има свој глас, свои избори и право да живее по свои правила.
И можеби токму во тоа е целата убавина – да бидеш жена на свој начин“, пишува во објавата што Тамара ја сподели на својата инстаграм-приказна, со потпис „Кукла жива“ – Тамара Тодевска.
Пораката се надоврзува на приказната што пејачката ја раскажува преку албумот „Кукла жива“, во кој женската сила, самодовербата, љубовта и слободата да се биде свој имаат посебно место.

Во интервју за „Слободен печат“, Тамара Тодевска одговори на прашањето како денес гледа на 2019 година, кога по најголемиот евровизиски успех на Македонија, само два месеца подоцна се соочи со остри критики и напади од јавноста.
„Кукла жива“ е одговорот на ова прашање. Целиот музички проект. Сум зборувала многу на оваа тема, многу сум научила, многу сум се променила…“, изјави Тамара.
Во меѓувреме, таа се подготвува за големиот концерт што ќе се одржи на 7 декември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. На концертот публиката ќе има можност да ги слушне нејзините најголеми хитови, како и песни од албумот „Кукла жива“.
Концертот ќе биде уште една можност Тодевска да ја раскаже својата музичка приказна пред домашната публика, со песните што ја одбележаа нејзината кариера и со новите песни преку кои испраќа пораки за љубовта, силата и слободата на жената.
