12.8 C
Скопје
15:11 - 17 декември, 2024

Нела Павловска, глумица во подем: Зафркнато е да си ќерка на глумци зашто треба да си различна од нив

Талентирана, харизматична, амбициозна, израсната во уметничко семејство на родители глумци, баба и дедо прославени музичари, па така, актерската определба на Нела Павловска како природно да ѝ беше запишана во нејзината „натална карта“ и само чекаше да се роди на сцената.

фото приватна архива

Нела Павловска е штотуку дипломирана актерка на Факултетот за драмски уметности, ќерка на познатите глумци Тања Кочовска и Предраг Павловски, и страстна љубителка на глумачкиот и театарски свет. Млада актерка со големи сништа и уште поголем карактер. Веќе можеме да ја видиме како чекори на професионалната сцена со улоги во поновите претстави „Чудна случка со кучето во ноќта“ и „Архангелот над Скопје“.

Денес Нела ни открива што сѐ се крие зад актерските маски и какви се можностите за младите глумци во Македонија.

Колку е перспективно да се биде глумица во Македонија?

– Малку ми е тешко да одговорам на ова прашање како „тазе“ глумица. Вчера завршив факултет и сè уште не сум лично запознаена, зашто моите идеи, амбиции и планови се ептен големи и полетни во моментов, па исто би ми дошло дали правиме муабет за Скопје или за Москва. Гледам да си ги остварам целите, да го зачувам жарот за создавање и не дека сум нешто многу скромна, ама сакам да биде тоа во Скопје. А вака што сум слушала, велат, не е многу перспективна актерската професија.

Дали имаш конкурентен актерски притисок земајќи предвид дека си ќерка на двајца познати глумци, Предраг Павловски и Тања Кочовска?

– Зафркнато е. Искрено, има притисок, има еден вид борба да израснам актерски како свој човек, со свој карактер, со свои ставови. А сепак, не можам да избегам од моите, како и да е, „скината“ глава на татко ми сум. Ама, со тек на време си научив да го тргнам тоа од грб.

фото – приватна архива

Во кој жанр најмногу се пронаѓаш и зошто?

– Прво што ми дојде да кажам е трагедија, мислам дека во тоа до сега некако најмногу се имам одвнатре ископано, па затоа. Сè уште малку ѝ се плашам на комедијата, ама морам да признаам дека ми е доста привлечна. Ми треба време за да можам вистински да знам што „ми лежи“, а до тогаш сакам да пробам сè, па дури и апсурд, во кој, патем, бев најлоша на испитот за Хармс на Факултет. Единствено со сигурност можам да кажам дека физичкиот театар ми е посилната страна, имам чувство за тоа и добро работам со тело, па можеби затоа и најмногу го сакам.

Постои ли опседнатост со ликот додека се подготвуваш за претстава?

– Секако, постои опседнатост кога се подготвува некој лик и кога сум во тој процес, па и среде ноќ се будам и го пробувам текстот и глумам „по дома“. Но постои и емоционално исцрпување кога правиме да дојдеме до нешто, далеку од она „ај, кажи виц, па глумица си, смешни сте вие“. Мислам дека публиката не го знае патот како сме стигнале до тоа што го гледаат на сцена, без разлика дали тоа им се допаѓа или не. Така што, подобро публиката помалку да знае од нашите тајни, зашто така е магијата поголема.

Имам еден вид борба да израснам актерски како свој човек, со свој карактер, со свои ставови. А сепак, не можам да избегам од моите родители. Со тек на време учам како да го тргнам тоа од грб.

Кое е најинтересното нешто што си го научила за себе преку глумата?

– Преку глумата освестив кај себе некои нови моќи на перцепција, моќ на забележување на помалку забележливи карактеристики кај луѓето, на пример, создавање на нови непостоечки светови, докажување на самата себе дека сè е возможно. Како да добив моќ да ставам на моменти некакви очила и да го гледам светот со сите нешта во него баш како што јас сакам или како што сака мојата фантазија. Не е дека сум јас нешто посебна и дека поседувам супермоќи, туку едноставно и на Факултет и надвор од него, занимавајќи се со глумата, научив како да си ги отворам сите чакри во мозокот и внатре во себе, да ги складирам нештата во некој фолдер, а потоа, да го отворам фолдерот кога ќе ми затреба за некоја улога. Претходно тоа не сум го правела, или не сум била свесна дека го правам.

Слични објави

Јелена Карлеуша донира милионска сума за градот Крагуевац: Тоа е мојот новогодишен подарок

Еспресо

(Фото) Гол стомак и шлиц до колковите: Ќерката на Гоца Тржан позира во смел фустан!

Еспресо

(Фото) Празнична еуфорија во домот на Викторија Лоба: Пејачката покажа како ја украсила новогодишната елка

Еспресо

(Видео) Цеца Ражнатовиќ изненадена пред куќата на Дедиње: Пејачката веднаш се огласи на социјалните мрежи

Еспресо

(Фото) Жељко Бебек наполни 79 години! Музичарот го прослави роденденот во Лондон

Еспресо

Слобода Миќаловиќ направи драстичен чекор: Актерката бара пола милион од жената која ја претепа

Еспресо
Се вчитува....