Актерката Шанел Маја Бенкс, ѕвездата на „Озборувачки“ (Gossip Girl), мистериозно исчезна во Лос Анџелес, а нејзиното семејство тврди дека нејзиниот сопруг не сака да соработува со полицијата.
Семејството на актерката Шанел Маја Бенкс очајно се обидува да ја лоцира ѕвездата од „Озборувачки“ која не е видена две недели.
Бенкс мистериозно исчезнала во Лос Анџелес, а нејзиното семејство тврди дека нејзиниот сопруг не сака да соработува со полицијата, објави британски „Мирор“.
Нејзината мајка, Џуди Синг и нејзината братучетка, Даниел-Тори Синг, долетале во Лос Анџелес за да помогнат во истрагата. Се верува дека нејзините најблиски се загрижиле за нејзиното здравје откако таа престанала да ги контактира пред неколку дена.
– Поминаа пет дена откако никој не се слушнал со неа. Ни се вклучија црвените светла и аларми, бидејќи таа никогаш претходно не исчезнувала повеќе од 48 часа, без да се јави на мајка ѝ или да разговара со мене. Таа девојка ми е повеќе како постара сестра – рекла Даниеле-Тори Синг.
Рекла и дека последен пат добила порака од својата братучетка Шанел на 30 октомври.
„Не заминувам од Калифорнија додека не ја пронајдам својата братучетка. Ако нè слушаш, знај дека многу те сакаме. Само сакаме да знаеме дека си добро и дека си безбедна и дека никој ништо не ти направил“, навела Даниел.
И мајката на актерката ги замолила сите да се молат за нејзината ќерка.
„Не знаеме што се случува со неа во моментов“, порачала Џуди Синг.
Во случајот е вклучена и полицијата која на почетокот на месецов извршила претрес во куќата и имотот.
„Но, Бенкс во ниту еден од четирите наврати не беше дома“, соопштил претставник на полицијата.
Бенкс живеела со сопругот една година пред семејството да каже дека одеднаш престанале да слушаат со неа. Се наведува дека откриле нејзините работи, вклучително и нејзиниот автомобил и куче, сè уште се на имотот.
Меѓутоа, не можеле да ги пронајдат нејзиниот лаптоп и телефонот.
Инаку, Шанел Маја Бенкс (36) играше во третата сезона на „Озборувачки“ и ја толкуваше улогата на Соер Бенет. Таа играше и во хит криминалистичката серија „Сина крв“ (Blue blood) и во филмот „12“.
„Таа никогаш не би отишла никаде без да каже на мајка ѝ или мене“, повторила Даниел за американските медиуми и додала:
– На 10 ноември забележавме дека нејзиниот сопруг има расечена усна и траги од гребнатини на вратот и рацете. Полицијата беше повикана на 10 ноември и му ги фотографираше повредите кои ги немаше два дена пред полицијата да изврши претрес во куќата. Го прашавме каде е Шанел, а тој само рече: „Таа не сака да ја пронајдат, таа ќе се јави кога ќе биде подготвена“. Тој тврди дека не знае каде е, вели дека не ја видел ниту слушнал од 7 ноември, но тој никогаш не се јави во полиција за да ја пријави како исчезната – рекла Даниел.
– Мора да ангажираме приватен истражител. Полицијата во Лос Анџелес ни кажа дека, бидејќи нема знаци на борба и дека нејзиниот сопруг не извршил никакво кривично дело со криење на информации, тие не можат да направат ништо додека не добијат докази или веројатна причина за да го уапсат… Долетав од Торонто, Канада, а нејзината мајка допатува од Њујорк. Шанел тука нема семејство или пријатели и никогаш не би отишла никаде без да ѝ каже на нејзината мајка. Ве молам помогнете ни да ја пронајдеме мојата братучетка – апелирала Даниел Синг.