Борбата со ракот на јајчниците во поодмината фаза, исполнета со долгогодишна неизвесност и барање лек низ дури 12 земји, ја обележа последната деценија од животот на познатата писателка Исидора Бјелица.
Исидора отворено говореше за својата болест, без цензура опишувајќи ја секојдневната борба и психолошкиот товар што го носи оваа дијагноза:
„Имам канцер на јајчниците кој се шири како пожар. Денес можам да бидам во ремисија, а за два месеци да починам… дијагнозата е како живот во логоp. Не знаеш кога ќе те одведат на погубување, а секој нов ден е мачење“, искрено споделуваше таа во своите интервјуа.
Писателката, која не конзумираше алкохол, не пушеше и се трудеше да се храни здраво, со години се обидуваше да разбере што го иницирало развојот на болеста. Забележувајќи ги искуствата на други жени кои се соочувале со истата дијагноза, Бјелица дојде до заклучок дека емоционалните трауми и стресот играат клучна улога:
„Кога на улица ќе сретнам жени со истите дијагнози, се шегувам — никоја од нас не пушеше, не пиеше, се храневме здраво, но имаме една заедничка работа: сите доживеавме големи таги и стресови. Ако мене ме прашате што е оклучниот фактор, тоа е големата тага, стресот и разочарувањето, а околу тоа никој ништо не презема“.
Иако медицинската наука нагласува дека генетиката и разните фактори се примарни за развојот на оваа болест и дека не постојат директни докази за стресот како единствен причинител, искуството и искрените исповеди на Исидора останаа како потсетник за емоционалниот товар што го носат пациентите.
Познатата писателка ја изгуби битката со болеста во 2020 година, оставајќи зад себе богато литературно творештво и сведоштва за храброста и надежта дури и во најтешките животни мигови.
