18.8 C
Скопје
10:01 - 10 октомври, 2026

„Време е девојчето да прерасне во жена“: Калиопи откри како Ромео Грил ѝ ја претставил „Бато“ во далечниот Мурманск

Калиопи откри личен момент од времето кога беше заедно со Ромео Грил, нејзиниот поранешен сопруг и продуцент.
Таа се присети на моментот кога првпат ја слушнала „Бато“, една од песните што ја одбележаа нејзината кариера, а која ја создал нејзиниот долгогодишен музички соработник Ромео Грил.
Во гостувањето во емисијата „Патот до успехот“ со Мишко Иванов, таа раскажа дека песната настанала додека биле на турнеја низ тогашниот Советски Сојуз. Во Мурманск биле во периодот на белите ноќи, а Ромео ја зел гитарата и за првпат ѝ ја отсвирел песната.
На прашањето на Иванов дали уште кога првпат ја слушнала „Бато“ знаела дека песната ќе остане безвременска, Калиопи рече:
„Па види, со оглед на тоа дека ‘Бато’ настана за време на нашата турнеја во Советскиот Сојуз, во Мурманск… Бели ноќи, нема спиење и нонстоп само чај се правеше. И Ромео на гитара, гитарата секогаш до него. И јас влегувам со чај во соба да му донесам, а тој ми вика: ‘Седи, слушај’ и ми ја свири ‘Бато’.Мислам дека јас воопшто не се сеќавам на моето чувство во тој момент, воопшто. Јас само се сеќавам на гитарата на Ромео и на моментот кога тој свиреше. Јас мислев дека си направил песна за себе, а не за мене. А потоа ми се сврти и ми рече: ‘Време е девојчето да прерасне во жена’. Толку, само. ‘Овој албум ќе ти биде твој личен потпис’.“, рече Калиопи во разговорот и додаде дека текстовите на албумот главно биле на Ромео Грил.

 

Приказната за „Бато“ е дел од заедничкиот музички и животен пат на Калиопи и Ромео Грил, кој започна многу пред таа да изгради соло-кариера. Во 1980-тите тие работеа заедно во групата „Калиопи“, а во Загреб ги снимаа албумите со кои се пробија на тогашната југословенска музичка сцена.
Албумот „Роѓени“, на кој се наоѓа „Бато“, беше објавен во 1987 година. Успехот што го постигнаа во поранешна Југославија им донесе бројни настапи, а групата замина и на турнеја низ тогашниот Советски Сојуз. Токму за време на таа турнеја, во далечниот Мурманск, настанала песната која подоцна ќе стане нераскинлив дел од кариерата на Калиопи.
Калиопи и Ромео Грил во тој период беа и сопружници, а од бракот го имаат синот Пако. Подоцна се разделија, но нивниот развод не стави крај на музичката соработка.
Грил остана еден од најважните автори во кариерата на Калиопи. Нивната долгогодишна професионална соработка продолжи и по разводот, а меѓу песните што Ромео ги напиша за неа е и „Црно и бело“, со која Калиопи ја претставуваше Македонија на Евровизија во 2012 година, а продолжи и денес, со актуелниот албум наречен „Албум“ и со новата песна „Бебе“. Калиопи на 17 октомври ќе одржи концет во „Т-Арена“ во Скопје.

Слични објави

Ова е вистината за поделбата на имотот на Марија Микиќ и Јован Пантиќ

E.A.

Хороскоп за 10 октомври: Јарците ќе уживаат во љубовта

Еспресо

Откриени се детали за здравствената состојба на Саша Ковачевиќ откако ги одложи концертите

Еспресо

(Видео) Марија Шерифовиќ се огласи од Бали: „Дојде моментот да споделам со вас…“

Еспресо

Ника Тошиќ уживаше во друштво на татко ѝ Душко, Јелена Карлеуша веднаш ја „искритикува“

E.A.

Ѓоле Ѓогани разочаран поради односот на Лепа Брена

E.A.
Се вчитува....