Пејачката Теа Таировиќ отворено проговори за предизвиците на естрадата, личните борби и перцепцијата што јавноста ја има за неа.
Во разговор за „Курир“, таа се осврна на тешките моменти од својата кариера и откри како се справува со нив, нагласувајќи дека не си дозволува да потоне.
„Мислам дека не си дозволувам премногу да потонам во некои длабочини и размислувања колку е тешко. И кога ќе почувствувам дека паѓам, веднаш почнувам да се издигнувам. Малку сум инаетлива – понекогаш тоа е лошо, но понекогаш и добро“, изјави таа низ смеа.
Пејачката проговори и за најголемата заблуда поврзана со неа.
„Најголемата заблуда е што луѓето мислат дека сум арогантна, а воопшто не сум. Ние од Нови Сад можеби делуваме малку недостапно, но тоа не е така“, истакна Таировиќ.
Таа се осврна и на односот со луѓето кои се обидуваат да го искористат нејзиниот успех, објаснувајќи дека често свесно им остава простор да се покажат.
„Ги пуштам луѓето. Дури и да мислат дека можат да ме измамат. Сè знам и сè чувствувам. Но, ако некој ја премине границата и покаже неблагодарност, тогаш реагирам“, рече таа.
Теа призна дека е исклучително самокритична и дека патот до успехот за неа не бил лесен.
„Неверојатно е колку сум строга кон себе. Имав голем дует со Шабан Шаулиќ кој ме вивна во височините, но потоа како да ми требаше двојно повеќе време да ја докажам својата вредност. Тоа ми делуваше како вечност“, искрено призна пејачката.
