Водителката Сузана Манчиќ престојува во Велика Моштаница, каде што има куќа, додека не биде готов нејзиниот нов стан. Веста дека го продала својот стан во центарот на Белград и привремено се преселила во викендичка беше вистинско изненадување. Зад оваа одлука се крие еден вид нов почеток.
Во меѓувреме, Сузана купила стан во Вождовац, кој моментално го уредува и го прилагодува на својот животен стил, пренесуваат српските медиуми.
– Не сум се преселила трајно во Велика Моштаница, но којзнае – вели таа.
Кога ја прашале како дошло до толку голема промена, таа објаснила:
– Мислев дека никогаш нема да се иселам од центарот на градот, бидејќи сè ми беше на дофат. Сепак, загадувањето на воздухот, бучавата и сè што ме ограничуваше во мојот претходен начин на живот почнаа да ме мачат. Одлуката ја донесов во моментот. Само реков: „Деца, го продаваме станот“. И така беше. Најдовме нова локација која е приближно со ист квалитет и квадратура, но со многу повеќе мир и тишина. Додека сè не заврши и мајсторите не си заминат, јас останувам во Моштаница. Кога времето е убаво – уживам во него, а дури и кога не е, го ложам шпоретот и е вистинска идила.
Приказната за преселбата, како што признава таа, воопшто не била лесна.
– Моментално го уредувам новиот стан. Најтешкиот дел беше пакувањето на сите работи, правењето избор и организирањето на преселбата. Иако ангажирав професионалци, секогаш си во акција. Ме болеше секој мускул, а не можев да спијам од стресот. Се прашуваш дали си направил сè како што треба, и пред да трепнеш – веќе е зора. И кога работите пристигнаа во новиот простор, распакувањето само што започна. Сè уште не сме завршиле – открила таа.
Поддршката од семејството не изостана, иако реакциите биле различни.
– Мојот сопруг всушност инсистираше да се преселам, да се тргнам од центарот. Ми рече: „Манчиќ, ќе умреш од тој воздух“. Му одговорив: „Никој сè уште не умрел од тој воздух“. Сепак, на крајот се согласивме. Тој дојде да го види станот што го избрав – претходно му испратив фотографии – и веднаш му се допадна. Рече: „Ги пакувам куферите, доаѓам“.
Престојот во природа ѝ е угоден, но носи и нови искуства.
– Навистина ми се допаѓа, но кога ќе дојдете тука од епицентарот на Белград и ќе се стемни, може да биде малку морничаво. Не сме свесни колку се силни тишината и темнината сè додека не ги почувствуваме. Сепак, човек се навикнува на сè. Верувам дека животот во природа го враќа човекот кон себе и кон здравјето- раскажала Сузана.
Еден од предизвиците е недостатокот на електрична енергија во викендичката: „Оваа идеја за соларни системи постои долго време, едноставно никогаш немав доволно пари за тоа. Не е огромна инвестиција, куќата е мала, нема многу потрошувачи, но е убаво кога имаш светлина. Досега, само еднаш преноќив тука, имав многу фенери и свеќи, ги запалив сите. Но, кога нешто ќе падне на подот, не можете да видите бидејќи е темно. Значи, ништо не може да ја замени електричната енергија.“
