Зек Хикерсон, братот на партнерот на починатата актерка Хејден Панетиер, се огласи по нејзината смрт и ги опиша последните моменти што ги поминал со неа.
Во изјавата тој објасни дека тој и неговиот брат Брајан ја пронашле актерката без свест во апартман во Јужна Каролина и се обиделе да ѝ помогнат. Хикерсон рекол дека сака да „ја појасни својата улога во настаните што ѝ претходеле на нејзината смрт“, пишува „ТМЗ“.
Опис на последните моменти
Зек Хикерсон раскажал дека ја пронашол актерката без свест во неделата, во изнајмениот апартман во Гринвил. Неговиот брат Брајан тогаш спиел во друга соба. Зек веднаш повикал итна помош, а Брајан, наводно, ѝ дал Наркан, лек што може да го поништи дејството на предозирање со опиоиди.
Според неговите зборови, тројцата тој ден планирале заедно да ручаат и да играат голф во затворен простор откако тој ќе се врати од црква.
По мисата им испратил порака, но не добил одговор, па се вратил во апартманот и помислил дека заспале. Бидејќи немал шифра за влез, не можел да ја отвори вратата, па почнал гласно да тропа. Тоа го разбудило Брајан, кој спиел на каучот во дневната соба со Хејден.
„Кога влеговме и се обидовме да ја разбудиме Хејден за ручек, сфативме дека е без свест“, рекол Зек. „Веднаш се јавив на 911, а Брајан ѝ даде Наркан. Потоа заедно се обидовме да ја реанимираме додека разговаравме со итната помош и го чекавме пристигнувањето на пожарникарите и итната медицинска помош. Гледавме како прават сè што можат за да ѝ го спасат животот.“
Апел да престанат шпекулациите
Зек рекол дека е скршен поради смртта на актерката.
„Скршен сум од оваа трагична загуба. Хејден ми беше една од најдрагите и најблиските пријателки, ја сакав и се грижев за неа во последните осум години“, порачал.
„Од почит кон нејзините блиски, шпекулациите и сензационализмот во врска со нејзината смрт мора да престанат додека истрагата не ги утврди фактите.“
