17:01 - 16 ноември, 2026

„Мислев дека е обичен плускавец, а завршив на операција и ми ампутираа два прста“: Игор Филевски – Филе ја раскажа здравствената драма низ која поминал

Спортскиот новинар и водител Игор Филевски – Филе, кој со години живее на Малта, се соочил со сериозна здравствена битка откако еден навидум безопасен плускавец на стапалото предизвикал тешка инфекција. Поради компликациите, лекарите морале итно да му ампутираат два прста и дел од стапалото. Филевски, кој боледува од дијабетес, открил дека инфекцијата го довела во животна опасност и дека постоел ризик од сепса. Колку сериозна била неговата состојба, станал свесен дури кога се нашол на операционата маса.

„Сега ќе ви кажам нешто за кое нема да ви покажувам слики (изгледа грозно), но убаво е да го знаете како совет.
Никогаш немојте да ги занемарувате дури и најмалите здравствени проблеми, колку и да ви изгледаат безопасно.
Еден плускавец, најобичен плускавец на стапалото, што не го забележав два дена, дури не пукнал сам од себе, дури не се содрала кожата и се раскрварел (пред пет месеци), вчера ме доведе на работ од смртта, без воопшто да сум свесен дека се наоѓам на работ (поради опасност од сепса).
На крајот сè заврши добро. Јас сум сега ок, но со ампутирани два прста од стапалото и малку поголем дел од коренот на стапалото, што беше зафатен со инфекцијата.
Сега сум стабилен. Инфекцијата е стопирана. Опасноста од сепса е елиминирана. Спасени ми се три прста, сега засега, бидејќи се чекаат следните 24 часа за да се види реакцијата на телото, евентуално нешто да не се искомплицира па да мора да се сечат и останатите три или целото стапало (ако има потреба, што е ништо во споредба со живот).
А како дојдов до тоа? Од немарност.
Од лесно прифаќање на проблемот без соодветен пристап, бидејќи ‘си спиев на едното уво’ и си се тешев, ‘дијабетичар сум, ионака сите рани секогаш бавно ми зараснуваат’.
Редовно одев на преврски.
Но, не се ангажирав дополнително да се консултирам со специјалисти, мислејќи, во ред е, ако има нешто лошо, ќе ми кажат, ќе видам. Дупката од плускавецот зараснуваше бавно, но нормално, на некој начин.
Во еден момент, не знам како и зошто, одеднаш намалувајќи се во дијаметар и затворајќи се соодветно, се вдлабна.
Навлезе длабоко, од ткиво премина кон коската. Потече стапалото. И тоа сè се случи во 24 часа. Јас пак ни тоа не го сфатив сериозно, мислејќи дека за следните 24 часа, откако ќе се одморам, ќе се спушти и отокот и ќе си дојде пак сè на свое.
Но, одеднаш бура од воспаление и инфекција.
Во само неколку часа потече целата потколеница, прстите се набабрија, почнаа да ја менуваат бојата, што ми беше сигнал дека нешто страшно се случува внатре во ногата.
Веднаш завршив на клиника, а откако ме видоа, ме испитаа по сите правила, од крв, преку ехо, ултразвук, рендген, со сите параметри и за десет минути донесоа одлука, откако ги споредија сите резултати.
Ампутација. Во рок од 20 минути ме подготвија и веќе бев во салата за хирургија, со целиот тим.
Ми пуштија музика, Моцарт ни правеше друштво низ целиот процес и сè заврши за 30 минути.
Прекрасна екипа, бескрајно сум им благодарен за целата грижа, односот и посветеноста во професионалноста со која го направија целиот третман.
Денес, недела, јас немам два прста плус уште еден дел од стапалото кој беше зафатен со инфекцијата.
Но, стабилен сум и веќе нема опасност од сепса.
Барем такви се првичните резултати, утрово.
А од сепса се умира за час-два, а некогаш и за помалку, тоа сигурно знаете.
Кога ми соопштија дека ќе преминат на ампутација, загрцнав од бран на емоции и солзи што не можев да ги контролирам, но длабоко во себе знаев дека тоа мора да е за нешто добро.
Добро, бидејќи останав жив. А емоциите ме налегнаа бидејќи суштински не можев да си објаснам како воопшто дојдов до овој момент. Каде ја промашив поентата? Што згрешив? Сега знам. Само поради моја немарност.

Ајде бе, обичен плускавец е, ќе помине’, занемарувајќи ги и советите на најблиските ‘појди, види што е, консултирај некого…’.
Не, јас знаев подобро. Обичен плускавец е. Многупати сум се изгорел од рерна, додека готвам и секогаш плускавците ми зараснувале за месец и половина, два.
Ништо невообичаено. Дијабетичар сум.
Но, ете, еден плускавец може да ги смени сите стандарди, сите протоколи и да те доведе на работ од ‘заминување засекогаш’, па да се бара решение за спас со ампутирање на делови од телото.
Само поради немарност. Исклучиво моја немарност. Неправилен пристап кон проблемот. Лично моја грешка.
Сега дури ја сфаќам и реченицата која многупати сум ја сретнал ‘ако си дијабетичар, ни дома не смееш да одиш бос, на играчка ќе нагазиш и ќе си направиш проблем’.
Сега ја сфатив. На најтешкиот и најболниот начин. Затоа го споделувам ова, за да биде совет до сите оние што ќе го прочитаат.
За сите оние слични на мене, кои знаат да делат совети на другите, но не често и да ги прифаќаат.
Никој не е совршен, нели, но секогаш мора да сме самокритични и искрени. Не бидете немарни, колку и да изгледа мал и безопасен здравствениот проблем. Пристапете му одговорно и правилно.
А сега само што ми кажаа дека сево ова се случило на Светскиот ден на дијабетесот, вчера. Неверојатно. Нема ништо случајно, најтешко научената лекција за мене“, напиша Филевски.

Филевски е познат спортски новинар, коментатор и телевизиски водител, кој публиката го памети по спортската емисија „Топки“. Долги години живее на Малта со семејството.
Во мај годинава, при гостувањето во поткастот „Глам и драма“ со Искра Канзурова, Филе зборуваше за животот во странство и за носталгијата по Македонија. Тогаш откри дека од Македонија заминале само тој и сопругата Весна, а денес во странство живеат околу 23 члена од нивното пошироко семејство. Посебно емотивно зборуваше за својата ќерка Аргентина, која живее во Македонија и за која рече дека е главната причина поради која се враќа во родната земја.

Слични објави

(Фото) Нина Сеничар ги воодушеви сите на свеченоста во Лос Анџелес: Српската убавица се појави со сопругот, холивудската ѕвезда Џеј Елис

apostolova

Лила Филиповска: Немам кому да се докажувам, мојот мир ми е поважен од туѓото мислење

Еспресо

(Фото) Српската водителка доби подарок од 19.000 евра: Новото момче го крие од јавноста, а сега со објавата крена прашина 

Еспресо

Неделен хороскоп од 16 до 22 ноември: Страстите се разгоруваат, старите соработки се обновуваат, а некои знаци ги очекуваат изненадувања

Т.Ц.

(Видео) „Не е многу присутен во неговиот живот“ — Миа Костова за односот на Андрија со татко му

К.С.

Се породи Зорана Тасовац, сопругата на Саша Ковачевиќ: Стигна долгоочекуваниот син

E.A.
Се вчитува....