Пејачката Маја Саздановска сподели ретка заедничка фотографија со својата ќерка Срна, која порасна во вистинска убавица. На фотографијата, објавена на нејзината инстаграм-приказна, мајката и ќерката насмеани позираат заедно по тешката животна приказна на пејачката, која сама ја одгледа Срна по ненадејната смрт на сопругот.

Маја го загуби сопругот Саша Лилчиќ пред 12 години, кога нивната ќерка беше бебе. По големата семејна трагедија, таа продолжи сама да се грижи за Срна, со поддршка од најблиските.
Во една прилика, во изјава за естрадниот магазин „Бекстејџ“, пејачката искрено зборуваше за болката и за тоа како нејзината ќерка расте со спомените за татко ѝ.
„Велат дека времето лечи сѐ, но не е така. Едноставно се навикнуваш да живееш со болката. Срна беше многу мала кога почина маж ми, но секој ден прашува за него. Зборуваме и заеднички се потсетуваме на тато. За разлика од другите деца, поради тоа што се случи, созреа предвреме, многу е итра, снаодлива и личи на него. Тука се и бабите и дедовците да ѝ ги раскажуваат приказните за тато од неговото детство и младост. Не дозволуваме споменот да згасне“, изјави Саздановска.
За предизвиците на самохраното родителство Маја зборуваше и во поткастот „Сец со Цец“ кај Цеце Николова, каде што откри дека побарала стручна помош за да научи како да ѝ помогне на ќерката да се соочи со загубата на таткото.
„Тешка е борбата, мора да признаеме“, рече тогаш пејачката.
Маја Саздановска публиката ја памети по хитовите „Виртуелен грев“, „Фидбек“ и дуетот „Опасно“ со Елвир Мекиќ. Музичката кариера ја започна уште како девојче, а беше дел и од детската песна „Во светот на бајките“.
Иако со години не е редовно присутна на домашната поп-сцена со свои песни, таа остана професионално поврзана со музиката. Работи во Националната опера и балет, а настапува и како придружен вокал на Калиопи, со која соработува долги години.
Годинава, заедно со Елвир Мекиќ, објави и видеоспот за нивниот некогашен хит „Опасно“, кој го снимија пред 18 години.
Во едно од своите интервјуа Маја откри и дека Срна е музикална, свири клавир и сака да пее, но има и голема љубов кон цртањето и дигиталната анимација. Мајката и ќерката сакаат заедно да готват и да патуваат, користејќи го секој слободен момент за заеднички активности.
