Познатиот српски пејач Аца Лукаc откри ексклузивно за медиумите дека проблемите со неговиот настап во Гетеборг произлегле од измама на страна на организаторите. Според него, Анес Балиќевац, сопственик на фирмата BKS Event AB во Шведска, договорил настап, но се обидел да ја измами екипата на Лукаc со фалсификувана документација.
„До проблемот дојде поради лажна покана која ја издаде фирма што всушност нема право да издава такви документи“, вели Лукаc. Според него, патувањето на екипата по релацијата Белград–Копенхаген–Гетеборг било ризично и нецелосно легално, што не им било јасно пред поаѓањето.
„Да знаев дека документите не се чисти, никогаш немаше да тргнам на пат. Тоа требаше да биде работа на организаторите, не моја. Направен е пропуст, но ние не сме виновни и ќе го докажеме тоа“, истакнува пејачот.
Тој најави и правни чекори против одговорните, вклучително и против организаторите и лицата што учествувале во, како што тврди, измамата и лажното претставување. Полицијата, според него, истражувала кој го испратил спорното писмо, но се покажало дека станува збор за лажен идентитет, поврзан со лице со криминална историја.
Лукаc истакнува дека немал никаква врска со организацијата на концертот и дека не зел никаков хонорар, туку бил ангажиран само како изведувач.
„Жалам за сите кои дојдоа поради мене. Никогаш свесно не би ја довел ниту себе, ниту публиката во ваква ситуација. Ветувам дека следниот пат ќе се видиме во многу подобри околности, со чисти документи и со исправна организација“, порача пејачот.
